СЈО прави политичка хајка насочена кон ВМРО-ДПМНЕ. Слабеењето на ВМРО-ДПМНЕ е со намера да се ослаби државата.
СЈО не само што слепо ги извршува политичките нарачки на Зоран Заев, туку почна и да се однесува како него. Ниту ги интересираат, ниту ги почитуваат законите.
СЈО се формираше со закон поддржан од четирите најголеми политички партии. Имаа рок од 18 месеци за да отворат истраги и да финишираат со обвиненија. Тој рок истече на 30-ти јуни. Секое дејствие кое СЈО во оваа насока би го презело натаму е тешка повреда на законот. СЈО има обврска да го почитува законот и да ги уништи незаконските материјали. Доколку СЈО не постапи согласно закон и не ги уништи во соодветна постапка незаконски прислушуваните материјали, сноси сериозна одговорност и ги зголемува ризиците за натамошни уцени и политички притисоци врз сите кои биле цел на Верушевски, Заев и останатите обвинети од „Пуч“.
Дека СЈО настапува исклучиво политички и во координација со СДС најдобро говори фактот што во нивните монтирани случаи се опфатени стотина лица од партијата. Само од ВМРО-ДПМНЕ. Намерата е партијата политички да се оцрни и меѓународно да се изолира. Заради тоа, без никаква основа се одземени пасошите на четириесетина луѓе само од ВМРО-ДПМНЕ и никој друг.
Еден од случаите каде се прави политичка хајка е и „Траекторија“ односно изградбата на автопатиштата. Овој случај кој е типично политички, со цел манипулација и девлавирање на проект кој е капитален за Република Македонија. СДС е единствената партија во светот која е насочена кон кочење, манипулација и вулгаризирање на капитални проекти за државата.
Што се однесува случајот за изградба на автопатиштата се работи за постапка која е чисто законска и обавена низ транспарентна процедура.
Со цел да се заштеди, се обезбеди евтин кредит од кинеската влада со само 2 осто камата. За споредба другите банки даваа со над 8 осто камата. Меѓу другото, целокупната постапка се спроведе врз основа на закон донесен во Собранието кој го подржаа СДС и ДУИ. Се обезбеди и конкуренција при што меѓусебно надаваа две кинески фирми за градба на патиштата со што цената за изведба е и законска и се оствари дополнителна заштеда за државата. Делото за кое се обвинува Груевски е смешно и парадоксално, тоа е остварување на награда. Да биде апсурдот поголем, СЈО/СДС таа награда не ја гледа во форма на поткуп, како што преку манипулација на одредени медиуми се сака да се стекне впечаток, туку во форма на изразен рејтинг поради реализацијата на овој проект корисен за сите граѓани. Ова е правен апсурд и ова ќе се изучува за класична политичка монтажа и инквизиција од орган кој наместо правно да делува дејствува како политичка алатка.
Како што минува времето, така на површина се повеќе ќе излегува непрофесионалното, незаконско и необјективно постапување на СЈО. Од ден на ден се гледа дека на СЈО не му биле важни ниту правдата, ниту вистината. На Катица Јанева и било важно само да ги исполни наредбите на Зоран Заев кој и на митинзи пред една година најавуваше дека „обвиненија ќе имало и притвори ќе имало“. Судовите мора да го задржат својот интегритет, да работат исклучиво врз основа на закон и докази и да не подлегнат на ваквите политички притисоци.