Судот не смее да подлегне на политичките притисоци и пропагандата која во континуитет се врши од Специјалното јавно обвинителство против ВМРО-ДПМНЕ и раководството на партијата.
Судот мора да работи независно, објективно, со интегритет и да одлучува исклучиво врз база на докази.
Нема ама баш ниеден правен аргумент за одземање на патните исправи на функционерите на партијата.
Намерата на СЈО е очигледна. Тенденциозно, политички да се оцрни партијата. Затоа СЈО бара мерки исклучиво против членови на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа се одземаат патни исправи само по партиска линија.
Очигледна е намерата партијата да се изолира и вистината за политичките хајки кои се водат да не излезе подалеку од границите на Македонија. Инспираторот се надева дека на тој начин ќе го заслаби ВМРО-ДПМНЕ кое било и ќе остане столб во одбрана на највисоките државни и национални интереси.
ВМРО-ДПМНЕ бара судот да ги отфрли политичките барања на СЈО и да донесе одлука со која што ќе се вратат патните исправи на лицата опфатени во предметите на Катица Јанева.
Повеќе од очигледно е дека никој ниту ја опструирал правдата, ниту има намера да ја опструира. Никој ниту се дал во бегство, ниту има намера за такво нешто. Напротив, сите засегнати имаат интерес овој срамен период од македонскиот правен систем да заврши што побргу и што побргу да излезат на површина конструкциите и монтираните предмети од страна на СЈО.
Го повикуваме судот да не влегува во ничии сценарија и да не биде нечиј инструмент за спроведување на одредено сценарио инспирирано од оние кои се плашат од Никола Груевски и доминантната поддршка која што ја има ВМРО-ДПМНЕ меѓу народот.