Во Солун попладнево ќе се одржи трилатерална средба на премиерите на Грција и на Бугарија, Алексис Ципрас и Бојко Борисов и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Пред трилатералниот Самит, претпладнево во Солун се одржува првата седница на Високиот совет за соработка меѓу Грција и Србија, со која претседава грчкиот премиер Ципрас, а на која присуствуваат и српскиот претседател Вучиќ и министри од владите на двете земји.

Посетата на Вучиќ на Солун, како што јави Танјуг, започна со негова билатерална среба со Ципрас, на која станал збор за односите меѓу Атина и Белград, за понатамошната соработка меѓу двете држави, како и за состојбата во регионот на Балканот.

По завршувањето на седницата на грчко-српскиот Висок совет за соработка, предвидено е одржување церемонија на потпишување на повеќе билатерални договори од страна на министрите на двете земји, на која ќе присустувваат и Ципрас и Вучиќ.

Попладнево на Ципрас и на Вучиќ во Солун ќе им се придружи и бугарскиот премиер Борисов. со што ќе биде одржана заедничка средба на тројцата лидери.

Предвидено е на оваа средба да стане збор за теми поврзани со регионалната безбедност и соработка, добрососедските односи и со повеќе европски прашања.

Како што јави БТА, при посетата на Солун, Борисов ќе биде придружуван од бугарските министри за надворешни работи и за транспорт, информациски технологии и врски, Екатерина Захариева и Ивајло Московски.

Според најавите, предвидено е при тоа да биде потпишан Меморандум за разбирање меѓу владите на Грција и Бугарија за изградба на коридорот Солун-Кавала-Александруполис-Бургас-Варна-Русе. Во рамки на овој проект предвидено е поврзување на пристанишето Русе на реката Дунав преку електрифицирана железничка линија со Црното и Егејското Море.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/07/2017 12:36