Пратениците од БЕСА ќе гласаат за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски.

Причината за тоа, како што кажа на прес-конференција во Собранието пратеникот Фадил Зендели, е антиалбанскиот пристап во Јавното обвинителство.

– Според нас, јавниот обвинител Марко Зврлевски е разрешен многу порано – со формирање на Специјалното јавно обвинителство. Така ова што се случува денес повеќе е прашање на политичката и професионалната етика, рече пратеникот.

За БЕСА исто така иритира образложението за разрешување на Зврлевски од Владата посочувајќи дека не се споменати случаи како Монструм и Сопот кои Албанците ги сметаат за монтирани, а токму ЈО, според Зендели, било протагонист на судските постапки.

– Неминовно се наметнува прашањето дали и оваа Влада ги поддржува таквите скандалозни одлуки на Јавното обвинителство кон Албанците, праша пратеникот на БЕСА.

БЕСА забележа и на отсуството на министерот за правда од редовите на ДУИ. За нив се наметнува прашањето која е улогата на ДУИ во Владата и каква е улогата на министрите за правда на ДУИ во оваа Влада. – Зошто барем еднаш не побараа одговорност од Зврлевски? Дали се работи за заобиколување, како што всушност му се случуваше на ДУИ во секоја влада, или и тие се дел од некое мрачно сценарио, за кое денес не може да се изјаснат јавно?, праша Зендели.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/07/2017 12:45