ВМРО-ДПМНЕ ги поздравува средбите и телефонските разговори кои ги имаше Зоран Заев со челниците на поважните земји од меѓународната заедница на кои доби поддршка за реформите кои вети дека ќе ги спроведува и кои треба што поскоро да резултираат со членство на Македонија во ЕУ и НАТО.

Сега на потег е Зоран Заев и неговата влада. Сега треба да ја прими поканата за членство во НАТО и датумот за отпочнување на преговорите со ЕУ. Сега веќе никој не може да каже дека проблемот е во ВМРО-ДПМНЕ или нашите меѓународни партнери од ЕУ и НАТО. ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција, без можност да одлучува за идните владини чекори, а СДС има мнозинство во Собранието. САД, Германија, Франција, Велика Британија и останатите изјавија дека се подготвени да ја поддржат Република Македонија за влез во ЕУ и НАТО. Заев пред изборите говореше дека во рок од 6 месеци ќе ја добиеме поканата за НАТО и ќе добиеме датум за преговори, нешто што е стратешка цел на ВМРО-ДПМНЕ. Веќе нема никаков простор да се говори за некакво одмрзнување на замрзнати препораки.

Сега се е во рацете на Зоран Заев и нема простор за изговори. Треба да го искористи моментот и да ја внесе земјата во ЕУ и НАТО веднаш, час поскоро. ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот ќе гласа за членство во ЕУ и НАТО.

Зоран Заев кажа и дека ќе го заштити македонскиот идентитет, а неговиот министер Димитров дека договорот со Бугарија, кој јавноста сеуште го нема видено, ќе го потпишел со гордо крената глава. Во однос на Грција, од МНР брифираат новинари дека со посетата на Атина, јужниот сосед бил ставен во дефанзива и без никакви аргументи пред западните партнери заради новата политика на владата на Заев. ВМРО-ДПМНЕ не ги знае деталите околу посетата, но информациите од брифинзите звучат интересно. Затоа сега сите чекаме брз влез во НАТО и преговори со ЕУ. Час поскоро и без одложување.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/07/2017 20:32