Координаторот на една од десетте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, на седницата на Комисијата за европски прашања соопшти дека партијата ќе ја поддржи декларацијата за забрзување на реформските и на интегративните процеси, но не и заклучоците. Тој, исто така, побара во декларацијата да се вметне точка со која ќе се бара почитување на пресудата на Меѓународниот суд на оправдата во Хаг во евроатлантските интеграции на земјата.

Димовски рече дека владиниот план „3-6-9“ не е ништо поинаков од плановите што претходната влада ги правела по секој извештај на Европската комисија, но за разлика од сега, тогашната влада во изработката на плановите ги вклучувала и опозицијата и другите партии.

– Бидејќи во составот на оваа влада имате министри од претходниот состав, можат да ве поучат – рече Димовски, додавајќи дека ќе поддржат дел од владиниот план, односно сето тоа што е за доброто на граѓаните.

Премиерот Зоран Заев истакна дека планот „3-6-9“ претставува реална перспектива на Република Македонија за евроатлантските интеграции, но и за подобрување на животот на граѓаните.

– Не бараме од опозицијата да прифати сè, само да дава идеи и да биде конструктивна, а владејачката партија да ги прифаќа позитивните предлози на опозицијата. Тоа е во интерес на сите – рече Заев.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, истакна дека со планот кој произлегува од Договорот од Пржино се зајакнува надзорот на Собранието врз Владата, но и врз Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и врз Бирото за јавна безбедност (БЈБ), кои според планот ќе се реформираат.

– Потребно е одговорно однесување и на опозицијата, која деновиве со однесувањето во Собранието не ѝ помага на земјата во напорите за ЕУ и за НАТО и создава лоша слика надвор од земјата – рече Џафери.

Зекирија Ибрахими од Беса побара мнозинството и Владата да не ги отфрлаат предлозите од опозицијата по автоматизам, исто како што тие не треба да очекуваат дека сите нивни предлози ќе бидат прифатени.

Ибрахими, исто така, му порача на спикерот Џафери дека ако продолжи да ги прекинува седниците поради имендени за верски празници, како Петровден, тогаш би требало да нема седници во петок, кога се вршат верски обреди во муслиманските храмови.

Тој рече дека Беса ќе гласа за декларацијата и за заклучоците, но бараат од Владата да ги консултира за Законот за јазиците, реформите во администрацијата, образованието и судството, притоа посочувајќи дека начинот на кој функционира јавното обвинителство, но и СЈО, не е во функција и во интерес на сите граѓани. Како пример за тоа ги наведе случаите „Сопот“ и „Монструм“ за кои, како што рече, се вршел политички притисок.

На седницата присуствуваа голем дел од странските дипломати акредитирани во Македонија, како и преставници на невладиниот сектор и на другите собраниски комисии.

Во Комисијата продолжува расправата и се очекуваа да се гласа за декларацијата и за заклучоците.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/07/2017 21:35