Реформа на инспекциските служби, сузбивање на сивата економија и учество на деловната заедница во креирањето на економските политики, се трите клучни барања што Сојузот на стопанските комори (ССК) му ги испорача денеска на деловен појадок на владиниот економски тим предводен од премиерот Зоран Заев.

ССК пред Владата претстави пакет од 75 мерки кои, како што изјави претседателката на Сојузот Данела Арсовска, се во насока на спроведување на структурните реформи и подобрување на инвестициската клима и деловното опкружување во земјава.

- Пакетот мерки е структуриран во неколку категории, а секоја мерка е утврдена врз основа на соодветна анализа, позитивни деловни практики и компаративни искуства, истакна Арсовска.

Според неа, од особено значење за бизнис заедницата е ефикасноста на администрацијата на централно и локално ниво.

Арсовска укажа и дека ако економските мерки што ги предлага стопанството се имплементираат во целост, ќе се обезбеди повисока стапка на раст на долг рок.

Премиерот Заев, пред деловниот појадок порача дека владиниот тим е отворен за соработка и сака да ги слушне барањата, сугестиите и предлозите на бизнис заедницата.

- Тука сме да ги слушнеме барањата и потребите на бизнис секторот. Промените и креирањето на политиките ќе се движат во насоките што ги даваат деловните луѓе, изјави Заев.

Негова клучна порака е компаниите да се грижат и да водат сметка за работниците.

- Среќни работници носат поголем профит, а фирмите плаќаат поголеми даноци. Верувам дека тоа е моделот што треба да го развиваме, нагласи Заев.

На деловниот појадок присуствуваат повеќе од 200 компании, ресорни министри, амбасадори, претседатели на комори..



Автор: Администратор
Објавено на: 19/07/2017 12:39