Пратениците од Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат барање за свикување на итна и отворена за јавноста седница на Собранието на Република Македонија за разгледување на договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија, изјави денеска пратеникот Антонијо Милошоски, на прес-конференција во Собранието.
Барањето, како што рече Милошоски доаѓа по денешната изјава на министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева дека текстот на договорот е затворен и дека Софија нема намера да преговара за евентуални измени.
– Пратениците на коалицијата „За подобра Македонија“ увидоа 5 суштински слабости кои овој договор го прават штетен за интересите на Република Македонија и дадовме 5 препораки. За да денес добиеме официјална изјава од министерката за надворешни работи на соседна Република Бугарија, г-ѓата Захариева, која што наспроти тврдењата на Заев дека текстот на договорот е отворен и може да има подобрувања, таа тврди дека текстот на македонско-бугарскиот договор за добрососедство е затворен… Очекуваме на нашата покана, повик и барање, Собранието да одржи итна и отворена седница за договорот помеѓу Македонија и Бугарија, да се придружат и да го поддржат и пратениците на владејачкото мнозинство, а Заев да го декласифицира текстот на договорот, да каже дали е конечен или дали сè уште е нацрт – договор – рече Милошоски
Тој нагласи дека Собранието и Владата се одговорни да отворат јавна дискусија за договорот за да може јавноста да знае што ќе биде потпишано и колкава и која ќе биде користа од овој текст за Бугарија и колкава може да биде штетата за Македонија.