Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, согласно член 4 и член 12 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, до Владата, сите министри, како и заменици претседатели на Владата ќе поднесат барање да ни се достават информации за тоа колку нови луѓе се ангажирани или вработени во државните институции на определен, неопределен период, работен однос врз основа на договор за дело, авторски договор или друг договор.
Бараме да ни се достави оваа информација бидејќи јавноста секојдневно е бомбардирана со информации за вработувања на партиски војници, членови на таканаречената шарена револуција и лица кои што се во директни роднински релации со функционери од власта. Овие вработувања се спроведуваат без никакви огласи и без почитување на постапките, процедурите и критериумите.
На овој начин започна да се спроведува најголемиот и единствен проект на Зоран Заев и СДСМ за брутална партизација на сите државни институции.
СДСМ и Зоран Заев наместо професионални и квалитетни решенија, во државните институции вработуваат партиски кадри кои што одработуваа сценарио за оцрнување на предходната власт и уништуваа јавен имот.
Сите граѓани што поверува на СДСМ и на нивните зборови за транспарентност и професионалност се класично излажани и на дело ја гледаат партизацијата на сите државни институции на Република Македонија. Ова не е животот кој што го очекуваа граѓаните, а го ветувааше СДСМ.
Дополнително високи партиски функционери на СДСМ јавно тврдеа дека за некој да се вработи во државна институција треба да поседува партиска книшка на СДСМ, односно дека партиската книшка од СДСМ е поважна и од лична карта.
СДСМ дури и во ребалансот на буџетот кој е во собраниска процедура има предвидено повеќе средства за партиски вработувања во рамките на министерствата. Во буџетот има доплнителни 12 милиони денари за привремени вработувања во Владата. Односно буџетот е направен за да одговори на основната желба на СДСМ за партизација на институциите.
Потсетуваме дека согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, бараните информации треба да се достават во рок од 30 дена.
Граѓаните имаат право и треба да знаат колку нови партиски вработувања има во државните институции и колку тоа ќе ги чини.