Мистериозното природно богатство на Мариовската област отсекогаш е интересно за авантуристите и посетителите.
Долината на Црна Река која го пара Мариово секогаш е атрактивна за археолозите, дивите копачи, рударите... Грамадните (вулкански) разголени карпи,остатоци од тврдини, керамика и гробници од антички период, мермерни остатоци од цркви, грниња со злато, високи древни дрвја и што ли уште не, мамат да ги допрете со вашата посета на Мариовскиот крај.
Таму,во славното Мариово, итрите мариовци ќе ви раскажат за убавата девојка Марија грабната од Турците по која Мариово го добило своето име, од нив ќе ја слушнете легендата за Црна Река која секоја година земала по една жртва, за Расимбеговиот мост,за мариовските манастири, за светци овековечени на карпи. Витолиште во Прилепско, Старавина во Битолско и Кавадаречкиот дел се сржта на Мариово. Во двете општини, Витолиште и Старавина, со 24 села, живеат околу 1400 жители, иако оваа најретко населена област во Македонија отсекогаш има непристапен терен кој бил тежок за освојувачите и затоа оваа област останувала често слободна.
Мариовско-мегленските средби го подгреваат мариовецот распрскан по светот да се собере на старото огниште еднаш годишно и да ја натопи мариовската земја со солза, а лелекот на душата да го успокои со сеќавање кое тлее во него.
Прилепскиот дел од Мариово е сув поради честите суши, а Битолскиот е влажен и богат со бујна вегетација и вода. Селото Маково е почеток, граница на Мариово со Битола. Зовиќ 1 е уникатен рај до кој се стигнува по неколку одминати мариовски села. Додека Зовиќ 2 е второто од 11-те мариовски села во битолскиот дел закотвено на грчката граница близу Ниџе Планина.
Зовиќ1 е типично планинско село со мариовски атрибути, со камени куќи и прекрасни дрвја. Зовичките моми биле надалеку прочуени по својата убавина, но често завршувале како невести кај чанишките ергени кои на магаре си ги носеле од Зовиќ преку трупа (рид) до Чаниште,прилепско- мариовско село.
Селото Зовиќ е вистинска атракција и раритет. Дише со чист воздух, а кладенчињата ја гасат жедта и му даваат шарм на амбиентот. Бројните фрески на карпи се гласни сведоци дека верата чисто дише кога е под ведро небо и природен амбиент. Нема граница за љубовта кон Бог,ниту за разните начини на нејзино искажување. Карпа со насликан светец бдее во близина на уникатниот Зовички камен мост преку кој се преминува од општина Витолиште во Зовиќ 1. Наликува на потковица, односно има форма на свод и е без ограда. Мостот е широк околу четири метри. Мостот е изграден од Турците, а поправен е во поново време поради честите раскопувања на камените плочки од трагачите на злато. Под мостот со кроток тек тече Градишка Река, која името го носи по наредното село Градешница, а извира од Кајмакчалан и минува низ природни брзаци.
Во бистрата вода со камено дно се капат сончевите зраци. Таа се собира во поголем вир со преливни нијански на зеленикава боја на водата богата со ситни рипчиња. Во неа се разладуваат зовиќани кои со гордост реката си ја нарекуваат ,,Наш’та,, река“. Тече низ природна средина и иако амбиентот е див, сепак мазните карпи ја смируваат разбрануваната вода. Ќе се соочите со длабока клисура обвиткана со гранитни карпи во кои се слуша ехото на природата и говорот на водата. Авантуристите со претпазливост потскокнуваат од карпа на карпа, Многуте растенија и грмушки му даваат топлина на каменото корито.
Под мостот на закосена карпа се натокмила калемена автентична воденица,која надојдената вода неколкупати ја уривала и ја носела ,но пак била обновувана. Мостот е атрактивен за режисери на филмови, а тука има и остатоци од тврдина и остатоци од градска населба.
Зовиќ е рај за авантуристи, за алпинисти... Огромната клисура на другата страна од селото честопати е надлетувана од разни грабливки. Нејзината величина мами но, и плаши. Малку подалеку на едно ритче мир ви дава мала бела црквичка околу која се распослале бели уникатни ,,школки“ како полжавчиња. Не откривме дали се варовнички или остатоци од коскени форми налик на слонови коски, но останаа во сеќавање како необичен бел тепих кој крцкаше под нозете.
Планинското село ќе одекне ако има вест за уловен сом на Црна Река, ќе ве доближи до реткото стадо овци кои поздравуваат со блеење. Слободно може да трчате и да се тркалате низ цветните ливади и да дозволите да ве опие мирисот на цветовите. Навечер, на природен душек од трева ќе им се восхитувате на ѕвездите на небесниот јорган кој трепкаво поздравува надополнет со искрите на логорскиот оган и мирисот на печена царевка. Имате чувство дека доживувате волшепство на природата, посебно кога ќе се додаде и природниот старински декор во камената селска куќа чиј прв кат бил за стоката,а на вториот ќе сонувате мирно на железни кревети со пружини и пауни покриени со селски дивтици, јамболлии, ирами.
А, жедта задолжително ја гаснете со животворна вода од кладенци каде може да шлапка и по некоја жаба. Водата од кладенците е послатка и попитка. Сепак, во Зовиќ квечерум свежо ветре може да ви ја запее ,,Запјевала сојка птица“, „Таму долу Битола“, „Заплакало е Мариово“, „Кој пат води за Мариово“ – легендарни мелодии за Мариово и за сечија душа.
Селото и амбиентот во него ќе ве скроти и ќе ве сплоти со природниот здив на високите зеленики, како и карпестиот допир на Мариовскиот-зовички предел.
Автор на текстот: Васе Митреска