Беловиште е прекрасно село со живописна природа која вреди да ја посетите барем на еден ден.
Oддалечено е од Тетово 21 километар. До селото се стигнува по патот што води до граничниот премин Јажинце. Сместено е на надморска височина од околу 900 метри и поради тоа има идеална клима.
Името на селото Беловиште потекнува од беложолтеникавата боја на глината која се наоѓа на една падина над селото. Над селото се наоѓа и месноста Градиште со остатоци од ѕидини за кои се смета дека се од римско време. Во селото има и црквичка во која тече вода лековита за очи, манастир, водопади, ресторани, базени за капење и прекрасна природа.
Доколку сакате да побегнете од градската врева, ова е идеално место. Можете да уживате во прекрасната природа, чистиот воздух, жуборкањето на реката и пеењето на птиците.
Селото Беловиште привлечно за туристите го прават живописната природа, пред сè водопадите на Беловишка Река (заштитниот знак на Беловиште), месноста Петочко Водиче во која се наоѓаат угостителски објекти, базен, црквите „Света Петка“, „Свети Јован Крстител“ итн. Тука е и Беловишка Река која извира од под врвот Пирибег на Шара. Доволно е чиста, така што жителите на Беловиште ја пијат без прочистување. Иако не пресушува во текот на целата година, најголема е во текот на месеците април и мај, кога се топат снеговите. Најмалиот од трите водопади, познат под името Враживир, се наоѓа во месноста Петочко Водиче. До останатите два водопади (Горна и Долна Цкала) се стигнува по некокучасовно пешачење по обележана планинарска патека. Овие водопади според висината на падот се едни од највисоките во Македонија, по Битушките водопади (околу 50 метри) и водопадот на Длабока Река (над 130 метри).
Месноста Петочко Водиче името го добила по лековитиот извор, кој се наоѓа таму, а е прогласен и за најчист во Македонија. Луѓето како порано така и денес доаѓаат на овој извор со надеж дека неговата лековита вода ќе им донесе здравје.Овие сознанија се доволна причина да го посетите Беловиште кога ќе почувствувате потреба да избегате од градската гужва и да поминете пријатни мигови во природа.
Во излетничкото место Петочко Водиче има поставено клупи за излет. Има и места за подготвување скара каде може самите да го приготвите оброкот и да уживате во убавините. А доколку сакате само да уживате, без да се мачите да готвите, има и неколку ресторани во близина во кои има прекрасна храна и услуга.
На крајот од оваа прошетка ќе бидете свежи, одморени и полни со енергија за наредниот ден.
Автор на текстот: Кристина Илиевска