Грција ги почитува правилата на меѓународното право и одлуките на меѓународните организации како што се ОН, и ги брани своите национални интереси во овој контекст, изјави вчера грчкиот заменик-министер за надворешни работи Јанис Аманатидис на научниот симпозиум што се одржува во Солун на тема „Македонија низ вековите, историски факти и современи предизвици“.
Осврнувајќи се на Македонија, тој го повтори ставот на официјална Атина дека „Грција сака стабилност и одржување на кохезијата на земјата и беше единствена која не се вмеша во внатрешните работи за време на неодамнешната криза“.
– Сепак и ПЈРМ треба да го напушти иредентизмот, кој, како државна идеологија, кај генерации создаваше чувства на страв кон Грција. Решавањето на проблемите првенствено зависи од развојот на културата на компромис и консензус од страна на нашите соседи во Скопје, рече Аманатидис и додаде дека европските лидери треба да ја охрабрат македонската власт да го спроведува тој концепт, „а не како што правеа со владата на Груевски што доведе до нетолеранција“.
– Така што новата влада да не остане отворена само на комуникациско ниво, туку и да бара начини да отвори процес за изнаоѓање решение, нагласи тој и додаде дека Грција сака регионална стабилност и бара билатерална соработка.