Пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ денеска изрази, како што кажа, разочарување од неприфаќањето на амандман со којшто се предвидуваа средства за штетите од земјотресите во Ресен, Охрид и Струга.
- Во име на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, сакам да искажам едно разочарување, не толку од пратениците од ДУИ или од Алијансата на Албанците колку пратениците од Охрид Томислав Тунтев и Жаклина Лазаревска што не прифатија еден интервентен амандман од два милиони евра кој што би можел да биде на располагање на граѓаните кои што претрпеа штети во Ресен, Охрид и Струга од серијата земјотреси кои што се случуваа во изминатиот месец, рече Милошоски.
Според наго, во трите општини има над 850 пријавени штети на лични, приватни објекти. - Истовремено се смета дека ќе биде потребно да се провери статистиката на одредени јавни објекти како што се училишта, градинки, цркви, џамии, посебно во постариот дел на Охрид кои што би можеле да имаат претрпено некои оштетувања, но не мора веднаш и да се видливи, рече Милошоски.
Со ова, како што кажа, пратениците од Охрид пропуштија можност да алоцираат мала, но сепак важна сума на средства која што ќе може после проценките на овие штети да им биде од помош на Охриѓани, Стружани и Ресенчани.