Судот одлучи да не суди според фактите и аргументите, туку да оди по линија на помал отпор. Судот ги отфрли барањата на одбраната за укинување на мерките на претпазливост, иако истите беа поткрепени со издржани аргументи, а како божемна утеха и показател за некаков баланс ги отфрли и барањата на СЈО кои беа чисто политички.

Со ваквата своја одлука судот подлегна на притисоците на СДС и нивните поддржувачи. Одлуката да се потврди решението за одземање пасоши и редовно јавување не е балансирана, туку на штета исклучиво на засегнатите, а со неа судот се вклопува во сценариото на Зоран Заев за оцрнување на ВМРО-ДПМНЕ.

Барањето за притвор на СЈО беше апсурдно, неосновано и политичко. Тоа го оцени и првостепениот суд кога констатираше дека не постои никаква опасност за бегство. Доколку е така, а така е, тогаш не постои ниту логично образложение патните исправи на луѓето кои се предмет на политички прогон на СЈО да бидат одземени.

СЈО гони стотина лица само од ВМРО-ДПМНЕ. Никој не се обиде да ја опструира правдата од едноставна причина затоа што нема сторено кривично дело и има интерес што побргу да се расчистат манипулациите и монтажите на СЈО. Сите редовно се јавуваа на поканите и покажуваа должна почит кон правосудните органи.

Судскиот процес за протестите пред општина Центар, почна одамна и веќе се одржаа 5 рочишта. Сите обвинети редовно се јавуваа. Иако ги имаа пасошите и имаа службени патувања, одговараа на секоја судска покана.

Тоа најдобро ја отсликува апсурдноста и неиздржаноста на одлуката да не се уважи жалбата на обвинетите и да не им се вратат пасошите.

Во ваквата одлука нема ниту право, ниту правда! Има само гола политика.

Да имаше право и правда, дали некој суд би му го вратил пасошот на лице кое на дело е фатено како бара поткуп од 100.000 евра? Да имаше право и правда, дали некој суд би му го вратил пасошот на лице кое јавно изјави дека не ги признава македонските правосудни органи и дека нема намера да се одзива на поканите? Зоран Заев не само што беше фатен со докази како бара поткуп, не само што јавно ги понижуваше судовите, туку и откако почна главната расправа, наоѓаше милион банални причини само за да ги одложува рочиштата и да не се појавува. Измислуваше десетици средби со амбасадори и соработници на амбасади, како да не може тие да се одржат во друг термин или во друг ден.

Ова се двојни аршини. Разлика во односот на одлуките на судот е очигледна. Зоран Заев за случај за барање поткуп со легално прибавени и многу очигледни за цела јавност докази е сеуште на слобода и не се појавува на рочиштата, а истовремено се одземаат пасоши на членови на ВМРО-ДПМНЕ.

Зоран Заев целиот притисок врз судството го прави за да се спаси себеси за криминалите во кои е заглавен и во исто време да го попречи ВМРО-ДПМНЕ да му застане на патот на неговата деструктрутивна и антидржавна политика. Зоран Заев стана премиер со пораз на избори. Зоран Заев се лаже доколку мисли дека на ваков начин ќе го поколеба ВМРО-ДПМНЕ да престане да се бори против распродажбата на државните и национални интереси од страна на СДС. Зоран Заев се лаже доколку мисли дека на ваков начин ќе изнуди поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за двотретинските закони кои треба да се носат во Собранието. Зоран Заев се лаже доколку очекува народот да поверува на неговите лаги и манипулации.

Конечно, со политичките притисоци кои ги прави врз судот, Зоран Заев нема да може да избегне од одговорот кој им го должи на граѓаните, а тоа е одговорот на прашањето: Kога планира да го смени името на државата?



Автор: Администратор
Објавено на: 24/07/2017 19:02