Европската Унија денеска ја предупреди Турција дека нејзината економија може да претрпи штета доколку растечките тензии со Унијата, особено со Германија, излезат од контрола.

Во пресрет на преговорите во Брисел со високите турски претставници, еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, денеска предупреди дека оваа земја, кандидат за придружување кон Унијата „се оддалечува од европските вредности“.

– Секогаш се грижам да не дојде до раст на тензиите меѓу некои од нашите држави членки или повеќе наши членки со соседните земји. Мислам дека Турција треба да ги разбере причините за тоа и да поработи на тоа, рече Хан.

Тој укажа дека туристичката сезона е во полн ек и дека „секако не од корист луѓето да се повикаат да одат таму“.

– Истото важи и за инвестициите во оваа земја, бидејќи ситуацијата изгледа многу несигурна, неизвесна и нестабилна.

Хан и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, утре имаат средба со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу и турскиот министер за прашањата на ЕУ, Омер Челик, во моменти кога размената на ставови меѓу двете страни станува се поостра заради обвинувањата против Анкара за непочитување на човековите права и нејзните остри мерки по минатогодишниот обид за преврат.

Особено се влошени односите меѓу Германија и Турција, бидејќи двете партнерски земји членки на НАТО се во судир заради апсењата на неколку германски државјани во рамки на острите мерки кои Анкара ги спроведува, но и заради прашањето на пристапот на германските пратеници до базата на НАТО во Турција.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/07/2017 20:34