Лидерите на Русија, Украина, Франција и Германија, денеска, во телефонски разговор, разменија мислења за надминувањето на украинскиот конфликт, еден ден откако новиот специјален американски пратеник, Курт Вокер, упати сериозно обвинение кон Москва, пренесоа француските медиуми.
Првично четворицата лидери го ислушаа извештајот на претставниците на набљудувачката мисија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во однос на почитувањето на режимот за прекин на огнот, се наведува во коминикето на Кремљ.
„Лидерите потоа разменија идеи во однос на ситуацијата во југоисточниот дел на Украина, регистрирајќи ги тешките проблеми пред реализиацијата на мировната спогодба, постигната во февруари 2015 година, во Минск“, се вели во коминикето.
Рускиот претседател Владимир Путин „во детали го објасни пристапот на Русија кон главните одредби од спогодбата“, дополни прес службата на Кремљ.
Ова е прв телефонски разговор во „норманскиот формат“ од почетокот на мандатот на францускиот претседател Емануел Макрон, забележаа француските медиуми и потсетија дека новиот специјален пратеник на САД за украинските мировни преговори Курт Вокер вчера ја обвини Москва дека е одговорна за „жестоката војна“ во источниот дел на Украина.
Украинскиот претседател, Петро Порошенко, инсистира во кофликтните региони на југот од руската граница да бидат разместени мировници на ОН, пренесе ДПА. Тој изјави дека моменталните судири меѓу украинската армија и бунтовниците, поврзани со Русија, се меѓу најкрвавите оваа година.
Минските спогодби од февруари 2015 година имаа за цел да доведат до прекин на борбените дејствија и почеток на политичкиот дијалог меѓу проруските сепаратисти и Владата во Киев.