Еден од најрепрезентативните доцноантички и ранохристијански градови во Македонија, градот Баргала, се наоѓа на околу 20 km од градот Штип, лоциран во месноста Горни Козјак.
Местоположбата на градот преставува блага падина во подножјето на Плачковица, покрај една од источните притоки на Брегалница – Козјачка Река. Овој терен е отворен, прегледен и лесно достапен од сите страни.
Името Баргала е од тракиско потекло, а неговото етимолошко потекло се врзува за реката Брегалница. Отпрвин служел како римски воен логор кој подоцна бил претворен во тврдина поради местоположбата во тоа време. Се наоѓал во граничниот појас меѓу провинциите Втора Македонија и Средоземноморска Дакија. Подоцна градот бил разурнат и жителите подигнале нов, цивилен-епископски град. Откриена е епископска базилика , којашто укажува на фактот дека бил епископски центар.
Градот настрадал кон крајот на 6 век под налетите на аварско-словенските походи, при што неколкупати е ограбуван и разурнуван. Во средниот век се оформила нова населба чиј белег е црквата „Свети Ѓорги”, која била изградена кон крајот на 9 век. Објектот е примерок од стандардниот тип на старохристијански градби од Балканскиот Полуостров и Медитеранот. Од внатрешноста на базиликата, особено впечатливи се подовите обложени со камени плочи, освен северниот, што бил решен со полихромен мозаик. Како најубав се издвојува подот од презвитериумот, обложен со бели и сиви плочи. Објектот изобилува со богата архитектонско декоративна пластика, меѓу која особено се истакнуваат мермерните капители, украсени со глави од лавови и лисја од винова лоза, како и неколку парапетни плочи. Резервоарот за вода и двете бањи (доцноантичка голема и мала бања) во Баргала претставуваат добро сочуван комплексен објект со поединечни простории, меѓусебно функционално поврзани.
Благодарение на археолошките ископувања, денес во Баргала може да се види базиликата, резервоарот за вода, импресивната порта и голем дел од инфраструктуpaта на градот. Дел од градскиот бедем и главната порта се целосно конзервирани.
Досега е истражена само една десетина од целиот локалитет, бидејќи целиот зафаќа површина од околу пет хектари. Локалитетот, до кој води асфалтен пат, може да се посети и во вечерните часови, бидејќи тој е целосно осветлен.
Античкиот град Баргала и понатаму е главен извор на материјали од античкиот период и важи за еден од најважните античко-историски локалитети и за бесконечна инспирација за археолозите од Македонија.
Автор на текстот: Кристина Илиевска