Ако сакате да избегате од секојдневието, градскиот метеж и сте желни за мир, спокојство и свеж воздух, идеално место за тоа во Македонија е Беровското Езеро.

Езерото е создадено во 1971, со брана на Ратевска Река, 6 км југоисточно од Берово. Браната е лачно-бетонска, со висина од 46 м и се наоѓа на кота од 1000м надморска височина. Езерото е сместено меѓу високите планини на Малешевијата, во недоглeдно зеленило, пријатната клима и буковата шума, кои ви даваат чувство на недопрена убавина која вреди да се види и доживее. Заради високата концентрација на кислород многу посетители доаѓаат на здравствена рехабилитација.

Езерото е одлично и за љубителите на риболовот. Најзастапени риби се пастрмката, крапот и кленот, а од пред некоја година црвеноперката и кострежот. Пријатната клима го прави овој крај идеално прибежиште во летните периоди. Боровата шума, погледот кон езерото, како и чистиот воздух на 1000 метри надморска височина се вистинскиот адут за беспрекорно релаксирање, задоволство и одмор.

Поради поволната местоположба, чистата и недопрена природа покрај езерото се изградени голем број на туристички капацитети. Најголем е туристичкиот комплекс „Малешево“, потоа хотелот „Манастир“, кој има 40 кревети, и „Ловниот дом“ во месноста Јуовец, кој располага само со десетина легла. Најнова градба е модерниот туристички комплекс на туристичката агенција „Аурора“, прекрасниот Аурора Ресорт & Спа 5* кој е сместен, на самиот брег на Беровското Езеро.Направен по светски еко-стандарди, од вулкански камен стар три милиони години и од дрво, одлично се вклопува во природата која плени со своето раскошно зеленило. Комплексот составен од луксузни куќички е одличен избор за уживање на свеж планински воздух, луксузни спа-услуги, неколку базени и елегантен ресторан со тераса.

Овозможете си вистински мир и релаксација посетувајќи го Беровското Езеро.

Автор на текстот: Кристина Илиевска



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2017 01:43