Западна Македонија е толку убава токму заради водите кои течат низ неа, а можеби најубавата вода е реката Радика со своите притоки, сите бистри, попроѕирни и од стакло.Секоја капка на водите на Радика е нов свет, нова убавина, секоја кривинка крие ново искуство и невидена убавина.

Во реката од секаде се влеваат води, мали поточиња исцедени од врвот на планините, некаде преправени во чешми со вкусна вода од која не може да се изнапиете.

Радика извира на 2200 метри надморска височина и до влевањето во Дебарското Езеро е долга 67 км. Во неа се влеваат: Рибничка Река, Жировничка Река, Мавровска Река и Мала Река. Со канали, од нејзината вода се полни Мавровското Езеро кое истекува во Вардар, па затоа реката Радика е единствена река во Македонија со два слива: јадрански и егејски. Кањонот кој го длаби реката е стар неколку милиони години, опкружен со големи планински масиви – Бистра и Стогово на исток; Кораб и Дешат на запад.

Зборовите не можат да ја доловат убавината, па ни фотографиите, единствено со присуство таму, ќе може да се сфати и доживее вистинскиот дар на божествената природа.

На патот кон Дебар, на почетокот од кањонот се наоѓа Трница, единственото од времето останато место (кафеанче, ресторанче) каде може да јадете природен бакардан (качамак) со домашно кисело млеко, толку цврсто што треба речиси со нож да го сечете.

По патот кон нејзиниот извор, кон Ничпур и Стрезимир има неколку пристапни места каде може непречено, во мир и спокојство да се ужива во жуборот на водите на оваа преубава река. На првото, близу до регионалниот пат, направен е див авто-камп, а понатаму кај Ничпур се наоѓа црквата на ридот и изворите во подножјето. Тука има летниковец и место за движење, како и приод до реката, место за скара, и на секој чекор изворчиња - буквално, дури и по патот. За нагоре, по патот, згодно е да имате некое теренско возило зашто е стрмно, тесно, лизгаво.

Тука, вода има секогаш, а напролет, таа надојдува уште повеќе и ја прави реката дива, нескротлива...



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2017 02:05