Под поимот „Оружје“, се смета секој предмет или орудие, направени со цел под притисок на гасови, кои настануваат при согорување на експлозивни материи, гасови под притисок или друга потенцијална енергија, да исфрлаат проектил во облик на единечно зрно, сноп од сачми, гас, течност, стрели или друга состојка, што предизвикува повреди опасни за здравјето и животот на луѓето, како и секој друг предмет чија основна намена е вршење напад врз физичкиот интегритет на луѓето.

Оружје согласно Законот за оружјето се смета:

1) огнено оружје;

2) колекционерско оружје;

3) оружје за самозаштита;

4) пневматско оружје;

5) гасно оружје;

6) експлозивно оружје;

7) оружје со тетива;

8) ладно оружје;

9) оружје за светлосно-звучна сигнализација и

10) електрични парализатори.

Оружје и муниција може да се набавува само врз основа на одобрение издадено од Министерството за внатрешни работи и тоа за секое поединечно набавување на оружје.

Одобрение за набавување на оружје може да се издаде на физички лица заради

-заштита на нивната личност и имот и

– за лов и спортско стрелаштво.

Одобрение за набавување на делови на оружје и одобрение за набавување на муниција се издава на физички или правни лица кои поседуваат важечка дозвола за оружје или дозвола за поседување на оружје.

Одобрение за набавување на оружје на физичко лице се издава врз основа на претходно поднесено писмено лично барање за издавање одобрение за набавување на оружје, ако физичкото лице ги исполнува следниве услови:

1) има наполнето 18 години живот;

2) не му е одземена или ограничена деловната способност;

3) здравствено е способно да поседува и носи оружје;

4) не претставува опасност за јавниот ред;

5) има оправдана причина за набавување на оружје;

6) располага со техничко знаење за правилна употреба, чување и одржување на оружјето и познавање на прописите за оружје кое се проверува со полагање на стручен испит и

7) има живеалиште на територијата на Република Македонија со важечка лична карта, а доколку е странец да има одобрен постојан престој на територијата на Република Македонија, со важечка лична карта за странец, освен ако со ратификуван меѓународен договор поинаку не е определено.

За оружјето кое е набавено врз основа на одобрение, на физичкото лице му се издава дозвола за оружје.

Дозволата за оружје се издава со рок на важење од десет години, а на лица постари од 65 години живот со рок на важење од пет години. Дозволата за оружје може да биде продолжена по писмено барање на имателот, поднесено до надлежниот орган најдоцна два месеца пред истекот на рокот на нејзиното важење.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2017 03:41