Полската конзервативна Влада соопшти синоќа дека ќе ја продолжи оспоруваната реформа на судскиот систем и покрај ветото на два од трите закони за реформирањето, ставено од претседателот Анджеј Дуда.
– Нема да потклекнеме на притисокот од улицата и странство, изјави премиерот Беата Шилдо како одговор на ветото, кое претседателот го стави вчера изутрината.
Таа наведе три принципи на кои треба задолжително да се засноваат реформите: судиите, осомничени за корупција треба да си заминат, за оние кои се корумпирани, а кои „денеска се недопирливи“ треба да бидат воведени дисциплински мерки и луѓето треба да ја вратат контролата врз судовите.
Пред претседателската палата во Варшава синоќа повторно се собраа незадоволни граѓани, кои побараа и трето вето на законот за обичните судови, кој претседателот одлучи да го потпише.
Друг протест имаше пред Врховниот суд, чија претседателка Малгожата Герсдорф им се заблагодари на луѓето за поддршката.