Договорот меѓу Европската унија и Турција за спречување на приливот на мигранти во западноевропските земји функционира добро, а секојдневните билатерални односи се многу подобри отколку што тоа може да се заклучи од актуелната реторика, нагласи еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во изјава за австрискиот јавен радиодифузен сервис ОРФ.

Ваквата изјава на Хан доаѓа само неколку дена откако Германија најави можност за суспензија на исплатата на средствата од ЕУ, што и беа ветени на Турција во рамките на мигрантскиот договор.

Со овој договор, Турција го спречи приливот на мигранти од нејзина територија кон Европа, во замена за ветена помош од три милијарди евра и укинување на визниот режим за патување на турските државјани во земјите од ЕУ.

– Немам никакви грижи околу спроведувањето на договорот за бегалците. Морам да кажам дека секојдневната соработка на голем број полиња функционира многу подобро од она што може да се заклучи според актуелната ректорика и некои турски постапки, нагласи Хан.

Мигрантскиот договор наиде на големо одобрување од страна на Германија, бидјеќи најголем број од мигрантите ја избираа оваа земја за своја крајна дестинација. Меѓутоа, односите меѓу Берлин и Анкара во последните месеци спаднаа на најниско ниво, а двете земји меѓусебно се обвинуваат за „неприфатливо однесување “.

Германија беше особено критички настроена кон Турција во врска со преземените мерки по ланскиот неуспешен обид за воен удар, при што беа уапсени околу 50.000 луѓе, меѓу кои и еден германски државјани кои работи за организација за заштита на човековите права, додека околу 150.000 лица беа суспендирани или отпуштени од работа под обвинение за поврзаност со организаторите на пучот. Во справување со „пучистите“ Турција прогласи вонредна состојба, која минатата недела беше продолжена за уште три месеци.

Во врска со турските шанси за членство во ЕУ, Хан во изјавата за ОРФ нагласува дека не гледа потреба од понатамошно продолжување на вонредната состојба додавајќи оти смета дека нејзиното укинување ќе придонесе за подобрување на владеењето на правото во земјата.

Во услови на најавите за укинување на помошта за Турција и одложеното укинување на визниот режим, турскиот министер за надворешни работи, Мевљут Чаушоглу изјави дека Анкара би можела да го преразгледа или суспендира мигрантскиот договор, доколку ЕУ не ги исполни обврските што ги презеде со него.

Реализацијата на мигрантскиот договор се очекува да биде една од главните теми на денешната средба на Чавушоглу и турскиот министер за европски прашања Омер Челик со Хан и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2017 17:07