Согласно Законот за ловство донесен во 2009 година како и измените на истиот од 2013 и 2015 година, предвидено е секој ловџија да се стекне со дозвола за ловство преку полагање на стручен испит.
Законот предвидува дека дивеч може да се лови со претходна дозвола издадена од концесионерот на дивечот во ловиштето кој го содржи времето за нејзината важност, видот и бројот на дивечот дозволен за ловење и обврските на ловецот за време на ловењето и по извршеното ловење и е со важност од еден ден.
Дозвола за ловење на дивеч може да се издаде на лице кое има положено ловечки испит или на странски државјанин ако поседува соодветен документ за лов издаден од надлежен орган во неговата држава и писмена покана напишана на македонски и англиски јазик од концесионерот или од државен орган.
Ловечкиот испит се полага пред стручна комисија што ја формира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. Обврската за полагање на ловечкиот испит од ставот не се однесува на лица со висока или средна стручна подготовка од шумарска струка со положен испит по предметот ловство/ловно стопанство и на докторите по ветеринарна медицина со положен испит по предметот ловство/ловно стопанство. Трошоците за полагање на испитот ги сноси кандидатот
Право на полагање на ловечкиот испит имаат сите полнолетни граѓани на Република Македонија.
Испитот се состои од два дела, и тоа:
- прв дел (теоретски дел), со кој се проверува теоретското знаење на кандидатите и
- втор дел (практичен пример), со кој се проверува способноста од областа на ловството во практика.
Теоретскиот дел се полага писмено по електронски пат со одговарање на определен број прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер. Овој дел од испитот ги опфаќа следниве области: Закон за ловството; морфологија и биологија на дивеч; одгледување, заштита и користење на дивечот; уредување на ловишта; ловна кинологија; ловечко оружје, муниција и ловна балистика; ловење и користење на дивечот и неговите делови; ловечки трофеи; траги од дивеч; штети од дивеч и на дивеч; болести на дивечот и незгоди во лов и прва помош.
Практичниот дел на испитот се состои од: практичен пример и прашања кои треба кандидатот да ги одговори врз основа на анализата на практичниот пример.
Испитот се полага најмалку четири пати годишно во периодот од 1 февруари до 30 септември.