Бројните вештачки езера на територијата на Македонија со својата убавина и прекрасната природа се вистинско место за одмор и рекреација. Најголемо вештачко езеро во Република Македонија, а пред се по вкупното количество вода е Езерото Козјак. Веднаш зад него се Мавровско Езеро, Тиквешко Езеро и езерото Калиманци.
Езерото Козјак се наоѓа во западниот дел од Македонија, односно во поречкиот крај. Се наоѓа на реката Треска, во нејзината Голема Клисура, на 15 км спротивно од браната на реката Треска. Опколено е со бројни ридови и падини кои му даваат посебна убавина во сите годишни времиња, а водите на реката Треска кои го напојуваат, се вбројуваат меѓу најчистите води на Балканот.
Езерото Козјак е долго 32 километри, некаде е длабоко и 130 метри, а максималното растојание од едниот до другиот брег изнесува 400 метри. Се наоѓа на идеална надморска височина од неполни 300 метри. Има најбогат рибен фонд. Основата на браната е 500 метри, а круната или врвот 310 метри. Водите на реката Треска кои го напојуваат езерото, се вбројуваат меѓу најчистите води на Балканот. Езерото зафаќа површина од 13.5 км², а акумулира 570 милиони м³ вода.
На функционалноста и атрактивноста на езерото, се надоврзува и изградбата на т.н. воден лифт, со којшто се регулира водостојот на водата во езерото. Браната ги штити од различни метеоролошки прилики Скопје, Скопско Поле и сите зелени појаси по должината на реката Вардар. Воедно се смета и дека Козјак ќе обезбедува вода за пиење и индустриска вода во наредните 100 години. Акумулацијата Козјак има најбогат рибен свет во Македонија. Често се врши и порибување на езерото. Од видовите на риби овде се среќаваат: поточна и виножитна пастрмка, крап, клен, скобуст, мрена, попадика, плашка, караш, гомнушка, кркушка и јагула. Козјак преставува атрактивна зона за рекреативен и спортски риболов преку целата година.
Крај езерото се кријат и мноштво диви патеки кои се одлични за авантуристите кои сакаат да ги откриваат природните убавини. Во летниот период езерото е погодно за кампување. Неколку заливи се претворени во привлечни плажи за посетителите, додека во крајбрежните води пловат сплавови со ресторани. Природниот резерват Јасен е сеуште многу малку познат предел во државава. Откако се отвори за јавноста, прерасна во многу атрактивно место за изградба на викенд-населби, а една од новоизградените е Близанско.
Тука сеуште не е направен асфалтиран пат, што го прави начинот на превезување интересен и многу атрактивен. Излетниците ги паркираат своите автомобили над заливот кај браната, каде што ги пречекуваат паркираните таксисти, кои со чамци ги носат по езерото до нивните куќи. Воедно, на околу 1 км над езерото се наоѓа и селото Требојве, каде што има многу луксузни куќи.
Доколку сте во потрага по прекрасна недопрена природа, одличен предлог за излет е селото Белица, каде што речната вода е толку чиста, што може да се пие.
Прекрасното Езеро Козјак е идеална мамка за посета и духовно освежување.
Автор на текстот: Кристина Илиевска