Дванаесет километри југозападно од Кавадарци, односно 3 км јужно од селото Возарци, се наоѓа Тиквешкото Езеро, кое е вештачко езеро на Црна Река. Езерото е настанато во 1968 година со преградување на кањонот на реката и со изградба на брана висока 104 метри. Браната е изградена од нафрлан камен со глинено јадро, чија должина изнесува 338 метри.

На просторот на Тиквешкото Езеро постојат голем број археолошки наоѓалишта, населби, манастири и споменици, кои сè уште не се истражени, а кои претставуваат културно-историски богатства во нашата држава. Од поновиот период, односно од Втората светска војна, исто така има места кои одиграле значајна улога во НОБ. На овој простор се откриени повеќе локалитети од античкиот период, како на пример Римските гробишта кај селото Клиново и населбата Црквиште. Од средновековните локалотети попознати се: населбата Тиквеш, пештарската црква „Свети Лазара“, Полошкиот манастир „Свети Ѓорѓи“, пештарската црква „Свети Марко“ и други.

Манастирот „Свети Ѓорѓи“, или кај народот попознат како Полошки манастир, претставува еден од најзначајните културно-историски споменици во Македонија и несомнено е бисер на македонската средновековна уметност.

За него се мисли дека потекнува од крајот на IX век, бидејќи според архитектурата е многу сличен со охридските црковни градби. При зголемени дождови езерото го зголемува својот водостој, што може да доведе до излевање, а неретко и до поплавување на околните викендички. За да се стигне до ова прекрасно место кое изобилува со духовна топлина и спокојство, потребно е да се помине Тиквешкото Езеро и по 12 километри возење со чамец на средината од езерото се појавува восхитувачкиот манастир.

Манастирот е лоциран 20 километри југозападно од Кавадарци, во подножјето на планината Вишешница, распослан на левиот брег на Тиквешкото Езеро. Името на манастирот потекнува од селото Полошко, но по создавањето на Тиквешкото Езеро по долината на реката Црна, во периодот од 1964 до 1968 година, селото Полошко повеќе не постои.

Манастирската црква е посветена на Свети великомаченик Ѓорѓи, која е ѕидана со камен и тула, фасадата не е со идентичен распоред, а има наос и припрата. Во манастирската црква се влегува преку две забележителни дрвени врати кои се влез на припратата, а истите се изработени во плитка резба, исто како и иконостасот кој датира од 1676 година.

Внатрешноста на црквата во целост е фрескоживописна, зографите се непознати, но по стилот на зографисување се претпоставува дека се зографи коишто потекнуваат од старата византиска цариградска школа. Фрескоживописот датира од 14 век и истиот е прецртан по реставрацијата, изваден е вториот слој на фрески и денес во манастирот се првобитните фрески. Сите поважни предмети кои имаат Полошкиот манастир – бисер на македонската средновековна уметност значење при реставрацијата се префрлени во Народниот музеј во Скопје. Така, во црквата стоел полиелај или народски кажано црковен лустер којшто бил изрезбан во дрво и кој воедно е најстарата резба во Македонија, а датира од 1492 година.

Исто така, изработен во длабока резба бил и големиот иконостасен крст со распетие, а тука треба да се спомнат и престолните икони на Света Богородица и на Исус Христос Спасител со апостолите кои датираат од почетокот на 16 век и, се разбира, царските двери кои датираат од крајот на 16 век.

Вредна да се спомене е Житејската икона на Свети Ѓорѓи, која датира од 1630 година, како и делот од владичкиот стол кои, исто така, се префрлени во музеј. Значајно е да се каже дека кај живописот во оваа црква се забележуваат некои особености коишто се разликуваат од другите живописи во тој период. Од насликаните композиции највпечатливи се „Причестувањето на апостолите“ и „Богородица ширшаја небеса“ во олтарната апсида, „Успение на Богородица“ на западниот ѕид композицијата во која може да се забележи невообичаениот став на Исус Христос, кој се навалил над Богородица дарувајќи и го последниот бакнеж. Со најновите истражувања на постариот слој од фрескоживописот се откриени портретите на крал Душан и на неговиот брат Драгушин, којшто бил погребан во манастирот. На влезот во манастирскиот комплекс ве пречекува камбанерија која датира од 1930 година, но се претпоставува дека таа е изградена подоцна и дека тоа не е нејзината вистинска местоположба.

Манастирот е најпосетен во деновите на патрониот празник, на Ѓурѓовден, и при празнувањето на Успението на Богородица, кога се одржува богослужба и народна веселба.

Автор на текстот: Кристина Илиевска



Автор: Администратор
Објавено на: 26/07/2017 04:24