Познатитот македонски раритет, Ѓаволскиот ѕид, се наоѓа на петнаесетина километри јужно од Свети Николе, на јужната страна на ниската планина Богословец, покрај самиот десен брег на реката Брегалница.
Името Ѓаволски ѕид (кое е резултат на различни мистични толкувања), всушност, се однесува на појавата на карпести издигнувања т.е. карпести ленти од еоцени-варовници, кои јасно се забележливи во релјефот, а се протегаат во правец исток– запад – северозапад, во должина од неколку стотици метри. Многу интересно, бидејќи ова е можеби најголемата пустош која постои во Европа. На југ од Богословец се наоѓаат многу квадратни километри дивина.
До местото наречено Ѓаволскиот ѕид ретко кој доаѓа, заради тоа што до него може да се дојде само со возило, а потоа треба да се пешачи околу 3-4 часа. Значи, треба да се помине екстремно тежок терен, бидејќи таму воопшто нема пат, така што човек тешко може да се ориентира да дојде дотаму. Овде карпестата лента од еоцени варовници има значителни димензии и интересна морфологија (на испресечени блокови, остенци, порти), што претставува раритетна појава.
Неговата отмена слабо потемнета бела боја, грандиозниот изглед, неговото мистично молчење, му го одземаат, без исклучок, здивот на секој што ќе го види ова место. Сино - зелените води на немирната река Брегалница во неговото подножје, гордото молчење на врвот Свети Јован на планината Богословец и далечните сиви планини само ја дополнуват оваа прекрасна и мистична глетка. Многу посетители коишто го виделе Ѓаволскиот ѕид изјавиле дека тоа е неверојатно место, генијално дело, сеедно дали е дело на природата или на човекот. Ѓаволскиот ѕид, навистина е светско чудо. Овој импонзантен ѕид изразено е забележителен во должина од петстотини метри во правец на протегањето на Богослвоец и долж десниот брег на Брегалница, а негови траги можат да се забележат дури и пет километри кон запад. Траги од ѕидот можат да се забележат и на левиот брег на Брегалница, кои асоцираат на единственоста на ѕидот. Просечната височина се движи од 10 до 12 метри, а ширината е околу 2 метри. Градбата е изведена со камени блокови со просечна зафатнина од 4 кубни метри, а помеѓу нанесените камења се наоѓа тенка, црвеникава врзувачка материја, којашто мошне вешто е нанесена.
Околу потеклото на овој, во секој поглед монумент, постојат различни гледишта. Дел од науката тврди дека станува за природна појава, односно дека ѕидот настанал со ерозија на околното земјиште, односно, се смета дека ѕидот го создала природата која овде, како ретко каде, создала ремек- дело. Наспроти ова тврдење има научници кои тврдат дека станува збор за градба, а не за природен феномен. Кон ова тврдење тие го наведуваат фактот дека такви камења како на градбата не постојат во нејзината околина, потоа неверојатната вештина во градењето и постоењето на тенок врзувачки материјал со црвена боја. Истовремено, ваквата претпоставка наметнува дилеми околу тоа како се изведувало градењето, бидејќи ѕидот се наоѓа на мошне тешко пристапен терен.
До него, според нив, тешко се стигнува пеш и донесувањето на огромните камења кои тежат и по четири тони барало и соодветна техника и соодветно умеење на градителите. Всушност, бранителите на оваа теза, Македонскиот Кинески ѕид – Ѓаволски ѕид велат дека ова е еден од елементите што овој ѕид го прават мистичен.
Наспроти науката, кај народот од овој регион постои верување дека градбата е дело на надземни сили, односно на ѓаволот, па затоа и му го дале името Ѓаволски ѕид. „Таков ѕид може да изгради само нечовечко суштество, изјавиле жители од околината на Свети Николе. Да ја прегради Брегалница на тоа место и да изгради толкав ѕид може само ѓаволот. Човек тоа не може никогаш да го направи“. Според легендата, ѓаволот се обложил со Бога дека за една ноќ ќе изгради ѕид и ќе ја пренасочи Брегалница преку ридот кон Овче Поле и ќе го поплави. Истата ноќ ѓаволот почнал да го гради ѕидот и тоа го правел со таква брзина што немало сомнение дека ќе ја оствари својата цел. Бог, откако видел дека заканата станува реалност и, сакајќи да го спречи во намерата, пред време разбудил еден петел кој пропеал, па ѓаволот не успеал до крај да ја оствари својата идеја. Според жителите од тој крај, ако не го разбудел Господ петелот, денес ќе го немало Овче Поле, ќе го немало Азмабегово, овде ќе било езеро . Името Ѓаволски ѕид ја изразува немоќта на човекот да ја објасни велелепноста на градбата, да ја означи нејзината мистериозност и дапредизвика стравопочит. Сите тие три елементи кај месното население се присутни и денес.
Исто така, кај народот постои верување дека овој ѕид е дело на вонземјани и како факт се наведуваат приказни според кои во последните пет децении, наводно над овој ѕид биле забележани педесетина НЛО. Голем број на риболовци и ловци од овој регион тврдат дека мошне често гледале необични летала како го надлетувале ѕидот, па дури и се спуштале до него. Тоа особено често се случувало во летните месеци, особено во август, најчесто ноќе, иако ги имало и преку ден. Кај трагачите на злато постои приказна според која ова е ѕид од римскиот период, односно дека тој крие еден тунел со неверојатно големо богатство. Тој тунел е нацртан и на одредени топографски карти, што на наивните трагачи по богатство им ги продаваат вешти измамници од околните земји. Тој тунел, според нив, е главната причина што последните години диви копачи на богатство сè повеќе го посетуваат овој ѕид и го оштетуваат. Последниве две години, ѕидот било предмет на опсервација и на некои НАТО-војници, кои со хеликоптери често се спуштале крај самиот ѕид. Исто така, на повеќепати се забележани и диви копачи од соседните земји. Тие претставуваат најголема опасност за состојбата на овој редок феномен.
За сето ова време, ѕидот спокојно им одолева на опасностите што му ги носи човекот и плени со сета своја убавина, грандиозност и мистериозност, одземајќи му го здивот на секој посетител