Слободно може да се каже дека Република Македонија е планинска земја со околу 40 планини од кои 12 повисоки од 2000 метри. Ниту една држава во Европа, нема толкав број на самостојни планински целини и планински масиви во однос на својата површина. На сите овие планини има околу 260 интересни и впечатливи планински врвови, од кои 85 над 2000 метри. Меѓу нив, посебно се истакнуваат 10-те врвови наведени во текстот, од кои некои се и меѓу највисоките во нашата држава.

1. Голем Кораб (2753 m) е највисок врв на планината Кораб, а воедно и највисок врв во Република Македонија. Врвот се наоѓа во северниот дел на планината, на границата со Република Албанија. Врвот е доста стрмен, особено кон албанската страна и изграден од тријаски варовници. Поради големата височина, во близина и во подножјето се Северната страна на Турчин и долината на Пена јавуваат траги од плеистоцена глацијација: циркови, валови, морени и др. Под врвот извира Длабока Река (десна притока на Радика), на која се наоѓа водопадот Пројфел висок 133 m.

2. Титов Врв (2747 m), уште е познат како Турчин или Шар и е меѓу најубавите, а воедно и највисок врв на Шар Планина и втор по височина во Република Македонија. Изграден е од мезозојски варовници, доста распукани и оголени. Инаку има пирамидална форма. Околу самиот врв, поради силното мразно разорување се јавуваат камени реки и сипари. Северозападно од врвот е изворот на реката Пена кон која се протега преубав видик, а јужно се наоѓаат неколку глацијални езера меѓу кои најинтересни се Белото и Боговинското.

3. Врвот Пелистер - Пелистер (2601 m) е највисокиот врв на планината Баба, а се наоѓа во нејзиниот северен дел. Месното население целата планина ја нарекува Пелистер. Врвот е најдоминантен во овој дел на Република Македонија. Инаку изграден е од гранитни карпи и палеозојски шкрилци. Оголен е, а поради мразното разорување е интензивен процесот на распаѓање на карпите. Интересни се појавите на мориња од карпи кои се јавуваат под самиот врв. Поради специфичната положба нуди широк и прекрасен панорамски видик, а од јужната страна, под Пелистер е убавото глацијално Мало Езеро.

4. Солунска Глава (2540 m) е највисокиот врв на планината Јакупица. Тој е остар (со конусен изглед), карпест и карстифициран. Од врвот може да се гледа поголемиот дел од територијата на Република Македонија, а за многу ведро време, според кажувањата се гледа дури до Солунскиот Залив. Поради својата положба и доминантност, Солунска Глава има стратешко значење за нашата држава. На самиот врв и во неговото подножје има неколку огромни пропасти – најдлабоки во Македонија. На југоисточната страна, се јавува амфитеатрален отсек длабок скоро 1000 м, во чие подножје е изворот на реката Бабуна.

5. Кајмакчалан (2520 m) е највисок врв на планината Ниџе. Просторно се наоѓа во средишниот дел на планината, на самата граница со Република Грција. Врвот е оголен, стрмен посебно кон долината на Коњарка на север и релативно пристапен, бидејќи до него води макадамски пат кој започнува кај с. Скочивир. На самиот врв има црква, гробница и неколку други помали објекти како обележја од Првата Светска војна. Во близина има интересни денудациски форми, а северно се воочливи траги од еден поголем цирк.

6. Голем Крчин (2341 m) е највисок врв на планината Крчин. Се наоѓа во северниот дел на планината, над селото Ростуше, на границата со Република Албанија. Врвот е стрмен, оголен и карпест, бидејќи е подложен на силно температурно и мразно разорување. Под врвот е извориштето на Ростушка Река на која има повеќе импресивни водопади.

7. Црни Врв (2257 m) е највисок врв на планината Јабланица. Се наоѓа во средишниот дел на планината, над селото Вевчани. Врвот е остар, многу интересен и со широк панорамски видик, особено кон Охридското Езеро. Во подножјето на врвот е убавото Вевчанско глацијално Езеро. Поради мразното разорување, по страните на врвот се јавува распаднат карпест материјал-камени реки и сипари.

8. Магаро (2254 m) е трет по височина врв на планината Галичица (највисок е Плаја е Пусит, 2288 m) и втор на територијата на Република Македонија, по врвот Кота (2265 m). Врвот е доста убав, релативно стрмен, посебно кон западната страна и изграден од тријаски варовници. Од него има прекрасен видик кон Охридското Езеро на запад и Преспанското Езеро на исток. Околу врвот има интересни форми на карстна ерозија, периглацијални појави и фосилни глацијални форми: 2 цирка, валов и морени.

9. На врвот Зелен Брег - Зелен Брег (2166 m) е највисок врв на планината Кожуф. Се наоѓа во средишниот дел на планината, југоисточно од с. Конопиште (Кавадаречко). Врвот е заоблен, лесно пристапен и покриен со високопланински пасишта. Северно од него е изворот на реката Дошница – лева притока на Бошава. Кон југ се протега одличен и восхитувачки панорамски видик кон острите ограноци на Кожуф и кон Солунско Поле.

10. Меденица (2163 m), е највисокиот врв на планината Бистра. Се наоѓа во нејзиниот западен дел, над селото Галичник. Изграден е од тријаски варовници, како и целиот највисок дел од планината. Врвот е остар, а од неговата источна страна се протегаат неколку мали цирка и карстни полиња. До врвот најлесно се доаѓа преку преминот Церовец.

Автор на текстот: д-р Ивица Милевски



Автор: Администратор
Објавено на: 26/07/2017 04:49