Околу 20 компании од Адијаман, источна Турција, денеска ќе имаат директни средби со македонски фирми на бизнис форум што го организира Стопанската комора на Македонија - Турција (МАТТО).
Како што соопшти МАТТО, целта на посетата на бизнис-делегацијата од Адијаман е запознавање со можноста за соработка во прехранбениот сектор, текстилот, градежништвото, рударството, опремата за различни индустриски сектори, хотелиерството и туризмот, како и скенирање на деловната и инвестициската клима во Македонија, Србија и Косово.
Адијаман се наоѓа на реката Еуфрат во југоисточна Турција и е дел од проектот „Патот на свилата“. Во него се застапени повеќе индустрии: прехранбена, текстилна, конфекција, експлоатација на камен и други неметали, метална и металнопреработувачка, нафта и природен гас, производство на производи од пластика и гума, производство на мебел,... Располага со железна руда, мермер, јаглен и сурова нафта. Од вкупните потреби на сурова нафта во Турција, 70 отсто се експлоатираат во регионот на Адијаман.
Трговско-индустриската комора на Адијаман е основана 1984 година, брои 3.700 членови и има 18 професионални здруженија. Во нејзини рамки функционира и Стоковата берза на Адијаман.
На бизнис форумот ќе присуствуваат претседателот на МАТТО Ајдован Адемоски, неговиот заменик и сопственик на ТУРМАК Есер Џевахир и шефот на трговското претставништво на Турција во Македонија Буњамин Кутлу.