Поддршка за рамномерен регионален развој, инфраструктурно уредување на економската зона во Визбегово, неселективна примена на законите, полесен пристап до финансии, попис на населението, транспарентност и отчетност, се клучните барања што Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) му ги предочи денеска на премиерот Зоран Заев.
На заедничката средба Заев и владиниот економски тим, Комората побара и формирање посебна комисија за поплавените подрачја во Ченто.
Премиерот Заев нагласи дека 80 отсто од барањата на СКСЗМ се вградени во владината економска програма, но апелира стопанствениците да продолжат со изнесувањето критики, сугестии и предлози зашто само така, рече, Владата ќе работи во полза на бизнисот, граѓаните и државата и ќе биде нивен сервис.
Според него, 90 милиони евра или еден отсто од БДП годишно ќе бидат реализирани за рамномерен регионален развој, а секој денар заштеден во Буџетот ќе се инвестира во капитални инвестиции, наместо во споменици.
Заев најави дека ќе се изедначат условите за домашните и странските инвеститори, како и рационализација на администрацијата.
– Ако бизнисот тера напред, ќе се развива и државата, ќе има работни места за граѓаните и повеќе пари во Буџетот од даноците, потенцира Заев.
Завршува времето, напомена, кога за капиталните инвестиции се бараат странски компании. Сега, сите дејности ќе се делат на лотови за во секој од нив да се пронајде по некоја домашна компанија. Целта е што поголем број наши фирми да бидат вклучени и дел од големите вложувања, профитот да се задржува во земјата, а не да се одлева надвор.
Премиерот нагласи дека сака успешен мандат кој ќе резултира со добро стопанство и среќни граѓани.
Во врска со рационализацијата на администрацијата, објасни дека станува збор за квалитетен кадар и побара од бизнисмените во првата година, со владина поддршка, да ги вработат овие луѓе зашто не може, како што рече, за чуварско место во државните институции да бидат ангажирани 19 лица. – Работните места во администрацијата мора да се рационализираат, а не да се отпуштаат луѓе од работа, подвлече претседателот на Владата.
Тој побара од стопанствениците да им дадат и поголеми плати на работниците кои, пак, оцени Заев, ќе им вратат повеќекратно.
Во обраќањето на средбата, Заев се осврна и на даночната евазија, посочувајќи ја како голем проблем на државата. Во овој контекст рече дека ќе се посегне по мерки кои ќе значат чесно наплаќање на данокот на додадена вредност, а намерата на инспекторите нема да биде казнување, туку укажување и предупредување.
За СКСЗМ, еден од најголемите проблеми во моментов е зоната во Визбегово.
– Станува збор за подрачје кое зафаќа три општини, има компании со 2.500 вработени, годишно остварува 640 милиони евра обрт и 30 милиони евра профит, а плаќа три милиони данок. Две години чекаме одобрение за градба, земјиштето е уште земјоделско, нема канализација, водовод, сообраќајни знаци…, укажаа стопанствениците.
Според Мендерес Кучи од Комората, кој укажа на неплаќањето ДДВ, државата мора да биде транспарентна ако има тешкотии при враќањето на долговите кон бизнисот за да можат компаниите тоа да го земат предвид и да планираат. – Предлагам и службите да имаат точна евиденција кој даночен обврзник е во претплата, а кој должи, истакна Кучи.
Пред почетокот на дискусијата се обрати и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев кој ги повтори клучните економски политики и насоки на Владата.