Сакам повторно, по не знам кој пат од господинот Талат Џафери во најбрз можен рок да свика итна седница во согласност со Деловникот и во согласност со барањето од најмалку 20 пратеници, а во врска со најавеното потпишување на договорот со соседна Република Бугарија.

Воедно да потсетам дека во текот на вчерашниот ден пред потпишување на договорот бугарското Собрание имаше можност да го разгледа договорот и да даде препорака односно да гласа и да и даде насока на нивната Влада како да постапи.

Сметаме дека добрососедството со соседна Бугарија е стратешки значајно прашање за Република Македонија и затоа одговорноста во овој процес треба да биде споделено и заедничка. Сметаме дека договорот треба да се вклучи, но во него треба да се внесат забелешките кои што ние и во постапка кога дебатата беше затворена за јавност, но и сега многу јавно и прецизно ги дадовме како препораки до Владата на Република Македонија.

Затоа е битно и неопходно таквата итна седница да се случи пред најавеното потпишување на договорот затоа што после тоа се губи смислата на одржување на итна седница.

Собранието треба да има можност да влијае и на квалитетот на договорот со соседна Бугарија.

Втора работа, би сакал да најавам дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ иако во моментот имаме седум точки на дневен ред седниците на Собранието на Република Македонија од кои шест закони и една информација онаа за депонијата во Струга и иако ниту една од нашите точки досега не го виде светлото на денот односно не дојде на дневен ред да се расправа во Собранието. На тој начин чувствуваме дека нашите теми не се приоритет, единствени приоритети во Собранието се иницијативите предложени од владеачкото мнозинство односно од Владата иако така се однесува мнозинството и господинот Талат Џафери сакам да најавам дека ние во наредните две недели имаме подготвено нов пакет на осум закони кои што тангираат проблематика од директен интерес на граѓаните на Република Македонија во повеќе области. Ќе почнеме субцесивно од понеделник, дел од тие закони да ги пуштаме во процедура.

Сакаме веројатно за првпат во новата парламентарна историја на македонското Собрание да покажеме што значи вистинско дејствување во интерес на граѓаните. Ние никогаш нема да ја прифатиме улогата да бидеме голи критичари и само критичари како што беше СДСМ во предходните мандати.

Ние интензивно, активно, ќе поднесуваме законодавни иницијативи, но и други иницијативи кои што се квалитетни и кои што ќе помогнат на голема категорија на граѓани. Во моментот имаме иницијативи кои што се однесуваат на продолжување на подорилното отсуство, на зголемување на платите во јавниот и државниот сектор, законот за лекарите со кој што се овозможи специјалистите да добиваат 100 илјади денари плата, на докторите од општа пракса 56 илјади денари плата, Закон за јавно обвинителство и уште неколку други закони.

И трета тема која што сакам јас да ја започнам, а ќе ја заврши госпоѓата Кузмановска е да ве информирам дека во текот на вчерашниот ден поточно сношти заврши расправата на Комисијата за финансирање и буџет некаде точно пред полноќ како што е предвидено со Деловникот но се случија две груби прекршувања на Деловникот на Собранието на Република Македонија.

Прво, според членот 28, став 6, Извештајот за работата на Комисијата за финансирање и буџет и на секое друго работно тело е единствено надлежно да го потпише претседателот на тоа работно тело. Според нашите информации таков извештај е подготвен но е потпишан од неовластени лица односно од членови на комисијата, пратеници од парламентарното мнозинство иако тоа тоа е надлежност на претседателот на работното тело.

Второто прекршување е тоа што на Законодавно-правната комисија практично не се отвори никаква расправа по ниту еден амандман за ребалансот на Буџетот за 2017 година. Покрај тоа должен сум да ве информирам дека беа разгледани само 62 амандмани како плод на ефективното и активно и нескриено блокирање од страна на пратениците од мнозинството со пријавување на огромен број на реплики и дискусии да не се отвори можност да се дебатира за секој амандман пооделно и најстрашно и најжаното, 62 пратеници се мнозинство во ова Собрание одлучија да не прифатат ниту еден единствен амандман од вкупно 706 поднесени од наша страна односно близу 800 од сите опозициони пратеници и им оневозможија на други 58 пратеници да помогнат да дадат предлог или сугестија на ребалансот. Значи 62 пратеници во ова Собрание одлучија на 58 свои колеги од опозиција да не им прифатат ниту еден единствен амандман.

Ова не е Собрание кое што е инклузивно, ова не е Собрание во кое што има подадена рака, ова не е Собрание кое што конструктивно и коректно функционира и не е Собрание во кое што заедно се одлучуваат процесите, ова е класична злоупотреба од 62 пратеници.

Како што рековме, обландите на убави зборови си се само обланди и убави зборови, но во реалноста и господинот Џафери и парламентарното мнозинство воопшто не респектираат ниту најмалку нешто од она што го ветуваа на почетокот.

Ова е само уште една од многуте причини зошто била исправна одлуката ние како пратеници да формираме 10 пратенички групи и да се бориме за наш било каков простор за дејствување во ова Собрание.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/07/2017 18:00