Во текот на вчерашниот и денешниот ден сте сведоци на обидот на ВМРО ДПМНЕ за целосна опструкција на работата на Собранието. Во текот на вчерашниот ден, СДСМ и владеачкото мнозинство го спречија обидот на ВМРО ДПМНЕ преку работата на Собраниските комисии да се опструира и оневозможи носењето на ребалансот на буџетот, со најразлични изговори. Круна на денот беше што претседателката на Комисијата за финансирање и буџет одби на крајот да го потпише записникот врз основа на извештајот за работата на комисијата, како истиот би можел да биде доставен до Владата на Република Македонија за понатамошно негово процесуирање. Во таков случај согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија, мнозинството на членови во Комисијата го потпишаа записникот и беше доставен до Владата во понатамошно процесуирање. Имавме целосно блокирање во работата на законодавно –правната комисија, во текот на вчерашниот ден, каде што со процедурални забелешки како што всушност и тоа денес се случува во пленарната седница, имаше обид да се оневозможи работата на законодавно –правната комисија.

Согласно Деловникот, двете комисии ја завршија својата работа до полноќ и материјалите се доставени. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, владиното мнозинство, ќе ги исполни своите ветувања, бидејќи ребалансот на буџетот е еден од условите за да може да влеземе во имплементација на она што на изборите од 11 декември им го ветивме на граѓаните.

Она што сакам за јавноста за да немаме различни толкувања, ова е Деловник за работа на Собранието на Република Македонија. Во посебна глава се одредбите за работа на Собранието и Собраниските комисии кога се во прашање седниците за носење на буџет и ребаланс на буџет. Согласно членот 180а од Деловникот, без запирки ќе ви ја прочитам реченицата:

Член 180а од Деловникот на Собранието, вели: Претресот, во заграда општиот претрес и претресот по амандманите, затворена заграда, по предлогот на буџетот на седницата на матичното работно тело и на Законодавно -правната комисија може да трае најмногу вкупно десет работни дена.

Остатокот од членот зборува за правата на пратениците при работа на тие комисии.

Оттука, Деловникот, а не СДСМ, не Собранието, не претседател на некоја од двете комисии инволвирани во постапката за носење на буџет и негов ребаланс, е тој кој ги пропишува правилата на игра. Ние сме должни согласно Деловникот расправата во комисиите да ја затвориме најдоцна до полноќ, што е нешто што се случи. Секаков обид поинаку да се толкува и поинаку да се примени овој член, не е ништо друго, туку обид за деструкција и парализирање на државата од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Ние сме свесни дека тешко им паѓа тоа што се во опозиција, меѓутоа ВМРО-ДПМНЕ треба да се навикне дека многу работи во оваа држава веќе не зависат од нив, а најмалку од Никола Груевски и Сашо Мијалков.

Колку побрзо станат свесни за таа нивна позиција, толку е подобро за Република Македонија. Ние ќе продолжиме со конструктивниот пристап и покрај целосната деструкција. Патем кажано, денешниот ден беше на координација кај претседателот на Собранието, текот на денешниот ден и седниците беа договорени. Како се имплементира тој договор, можете да видите во изминативе два и пол часа со паузи. Меѓутоа, и покрај тоа ќе продолжиме со конструктивноста. Нашиот пристап ќе биде да се обидеме да ја инволвираме опозицијата во сите значајни процеси, меѓутоа се додека таа инволвираност има смисла. Кога ќе поминеме во целосна деструкција, како што е всушност деловничката обврска на претседателката на Комисијата да го потпише извештајот, согласно деловникот, владеaчкото мнозинство ќе ги преземе сите мерки што му стојат на располагање.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/07/2017 18:07