Интегрален текст од прес - конференцијата на Дафина Стојанова:
„Пред да почнеме со прес конференцијата да го слушнеме признанието на министерот за здравство Арбен Таравари.
Видео: „Би сакал да ве известам дека од почетокот на годината досега во клиниката за инфективни болести имало и други четири пациенти кои што биле инфицирани со овој вирус и немале никакви последици, се излечени, комплетно се во добра и стабилна состојба, значи ова се сега нови два случаеви и повторно комплетно ја имаме состојбата под контрола“.
Што повеќе да кажеме, Таравари ја призна целата негрижа, неспособност и незнаење како да се справи со сериозна здравствена закана по граѓаните во Македонија.
Министерот Таравари призна дека кога тој не беше министер, успешно се третирани лица заболени од хеморагична треска, а сега поради негова лична негрижа и неспособност, и неспособноста и неодговорноста на владата на СДС за жал имаме две човечки жртви.
Криеја, заташкуваа, замолчуваа но фактите излегоа на површина. На дело се виде нивната неспособност. Не знаат како да работат, не знаат како да санираат и да се справуваат. За жал цената се човечки животи.
За овој скандал да биде поголем, министерот Таравари скандалозно потврди дека два човечки животи сме изгубиле од најлесниот облик на хеморагична треска поради неспособноста и немањето капацитет да се справи со една ваква сериозна појава.
Министерот за здравство наместо да упатува видео пораки преку океанот, треба веднаш да го прекине престојот во скапиот хотел и да дојде за да понесе одговорност за тоа што не биле обезбедени реагенси за констатирање на дијагноза, за тоа што случајот сакале да го забошотат, што немало правилен третман на болните и на крајот на краиштата што не се интересираат за здравствената состојба на илјадници граѓани од Симница и целиот гостиварски регион.
Поради несоодветната реакција на надлежните органи, стравуваме дека бројот на лица заболени од овој вирус може да е многу кратно поголем од официјално хоспитализираните.
Жалиме што требаше да имаме два изгубени човечки животи за јавноста да дознае дека во Гостивар постои сериозна болест за која институциите не презеле мерки навреме. Хаосот кој го создаде Таравари може да ги загрози животите на уште многу лица доколку не се преземат соодветни мерки. Жалиме што мораме да констатираме, но двете жртви се директна последица на потценувачкиот однос на Таравари и тој за тоа треба да понесе одговорност. Оставка! Тоа е негова морална, но и политичка обврска.“