Сенегалскиот офанзивен играч Исмајла Сар вчера од Мец отиде во Рен за 17 милиони евра, а трансферот привлече внимание поради тоа што младиот фудбалер претходно ја одби понудата на Барселона.
Деветнаесетгодишниот Сар одигра само една професионална сезона во кариерата, во која за Мец на 33 натпревари постигна пет голови.
Тоа го привлече вниманието на многу големи клубови, но Сенегалецот одлучил да оди во „малиот“ Рен.
„Можев да ѝ се приклучам на големата Барселона, но тој потег би бил прерано. Во Рен гледам место каде што можам многу да напредувам и да направам големи работи“, изјави Сар, кој за сенегалската сениорска репрезентација одигра шест натпревари.
Младиот фудбалер многумина го споредуваат со Усман Дембеле, кој по фантастичните партии во Рен, го засили Дортмунд. По тој шаблон се очекува и Сар да напредува, а за тоа ќе има четири години, на колку што го потпиша договорот, но сигурно и пред тоа ќе биде на радар на европските гиганти.