Министерството за труд и социјална политика ги демантира тврдењата изнесени на денешната прес конференција на ВМРО ДПМНЕ дека изградбата на градинка во с. Волково e спречена поради кратење на буџетски средства од страна на министерството.
Градинката во oпштина Ѓорче Петров, с. Волково, билa планиранa како заедничка инвестиција на oпштина Ѓорче Петров и Министерството за труд и социјална политика, така што oпштината ќе ги финансира градежните работи за изградба на градинката, а Министерството ќе ја набави опремата. За набавка на опремата во буџетот на Министерството имаше предвидено 3 милиони денари. Но, за да се направи јавна набавка на опремата, oпштината треба да достави податоци за објектот, како и архитектонски скици врз основа на што би се направила спецификација на потребната опрема.
Од тие причини, Министерството за труд и социјална политика известува дека нема повеќе да бидат поддржувани и креирани лажни буџети, како што тоа го правеше ВМРО ДПМНЕ, а опремата ќе се набави и нарача откако oпштината ќе биде во крајна фаза со изградба на објектот за детска градинка.
Ја користиме оваа можност да апелираме до општина Ѓорче Петров да го заврши својот дел од преземените обврски. Општината треба јавно да извести кога планира да заврши со изградбата, за да може навремено да се планира набавка на опремата. Исто така, партијата на која припаѓа градоначалникот треба да престане да ја дезинформира јавноста давајќи изјави за градинка за која нема отпочнато никакви градежни активности.
На крај, би сакале да напоменеме дека во соработка со општините, до крајот на оваа година ќе бидат довршени и целосно опремени 13 градинки, со опфат од 682 деца.