Кошаркарската репрезентација на Македонија во среда со натпреварот против Косово ги почнува претквалификациите за Светското првенство 2019. Нашата репрезентација е во групата Ц заедно со селекциите на Косово и на Естонија, а двете првопласирани репрезентации ќе играат во квалификациите за СП. Во овие претквалификации играат 13 репрезентации кои се поделени во четири групи, а осум ќе ги продолжат натпреварите во следната фаза.

На денешната прес-конференција во пресрет на стартот од натпреварите селекторот на Македонија Јорданчо Давитков напомена дека може да се постигне очекуваното, иако репрезентацијата не е 100 отстотно подготвена.

„Поминаа 40 дена од почетокот на подготовките. Одработевме се што беше потребно. Не сме подготвени 100 проценти за натпреварите, но мислам дека со една дополнителна желба која треба да биде присутна на секој натпревар кај играчите можеме да го постигнеме тоа што го поаскуваме – пласман во квалификациите за СП 2019. Не е важен само првиот натпревар со Косово на гости, важни се сите дуели за да го оствариме тоа што го сакаме. Најважно ќе биде по дуелот со Естонија на гости на 16 август да бидеме пласирани во квалификациите за СП“, изјави селекторот.

За првиот дуел со Косово што се игра во среда на 2 август во Приштина селекторот истакна дека ќе има голем притисок од трибините.

„Сите знаеме колку е тежок овој натпревар. Ќе има притисоци од сите страни. Салата е веќе распродадена, ќе има притисок од трибините, во многу ќе зависи и каков ќе биде критериумот на судење. Ние ќе мораме да се прилагодиме. Тие се опасни на домашен терен. Ако во одбраната играме како на контролните дуели во Скопје мислам дека ќе успееме да завршиме голем дел од рабоата. Косово нема дефанзивен капацитет со кој може да ги сопре нашите најдобри играчи. Важно е да бидеме мирни и фокусирани и да не бидеме исфрлени од ритам. Оваа екипа заслужува и поддршка од навивачите и на двата дуела и со Естонија и особено со Косово да не се чуствуваме дека во Скопје играме на гостински терен“, рече Давитков.

Капитенот Војдан Стојановски вели дека атмосферата во селекцијата е одлична и дека ќе дадат се од себе за да се пласираат во квалификациите за СП. За првиот дуел против Косово селекторот Давитков нема да може да смета на поврдените Бобан Стајиќ и Бојан Крстевски. Натпреварот се игра во среда на 2 август со почеток во 20.15 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/07/2017 18:13