Ако сте љубители на чист воздух и недопрена природа, за посета ви ја предлагаме Богомила, сместена во срцето на Македонија, во областа Азот, каде започнало богомилското движење и каде е отворено првото училиште на македонски народен јазик. Во непосредна близина е планината Јакупица со највисокиот врв Солунска Глава, па ако го сакате планинарењето ете уште една причина зошто да ја посетите Богомила.

Обиколена со планините Јакупица на север, Даутица на запад и Бабуба на југ, во срцето на Македонија, ве пречекува Богомила. Богомила заедно со уште 12 села сместени по текот на реката Бабуна ја сочинуваат револуционерната област Азот. Името на областа потекнува од турскиот збор асии што значи „непокорлив“ и асоцира на вековниот сон на овој народ за национална, социјална и духовна слобода.

Богомила е планинско село со надморска височина од 500 метри и педесетина километри е оддалечено од најблиските градови Велес и Прилеп. До Богомила се стигнува лесно. Можете да изберете дали ќе патувате со автомобил или со воз. Поради сообраќајната поврзаност, Богомила ја има улогата на централно подрачје во областа Азот. Кон Богомила со асфалтни патишта гравитираат скоро сите села од областа, а од таму со асфалтен регионален пат се поврзани со Велес. Особено значајна за целиот овој крај е железничката пруга Велес-Прилеп-Битола, изградена во 1935 година.

Географска поставеност условила Богомила да има извонредно пријатна микроклима и е вистинска оаза за одмор на сите оние кои сакаат да избегаат од градскиот метеж. Спокојот и мирот го даваат околните шуми, пространите ливади и, секако, бистрите и брзи води на реката Бабуна, која тече низ селото. Овде климата е постојано свежа, со подолги зими, а пократки лета со температура до 35 °C, но со ладни ноќи.

Самото село е карактеристичен претставник на селата во Македонија од збиен тип. Додека љубопитно шетате по селските улици можете да забележите куќи поставени блиску една до друга, стари и по 70-100 години. За впечатливиот изглед на Богомила придонесува специфичната архитектура на куќите, кои во најголем дел се изградени од познатите мијачки градители. Денеска за симбол на македонската рурална архитектура се смета старата селска куќа во Богомила во која централно место зазема просторијата со огниште.

Селото на богомилите

Ако ја посетите Богомила, ќе ја дознаете и историјата на целата област Азот. За тоа дека на овие простори постоел организиран живот во Римскиот период сведочи мостот кој се наоѓа на влезот во Богомила за кој, според начинот на градбата, археолозите велат дека потекнува од крајот на II и почетокот на I век пр.н.е. До XIII век населбата била нарекувана Бабуна. Денешното име на селото се поврзува со името на поп Богомил, бидејќи се верува дека е неговото родно место.

Она по што Богомила е позната до денес е Поп Богомил и неговото богомилско учење и движење, кое на овие простори опстоило скоро 5 века. Богомилите биле против официјалното христијанство и против црквата, не граделе храмови и не признавале празници. Тие дури го отфрлаат и Стариот Завет и не ја признаваат државата. Нивното учење било во голема мера револуционерно. Тие не прифаќале да носат оружје и да водат војни, поради што се жестоко казнувани од сите држави до каде што стигнале. Движењето се проширило низ Македонија, а потоа и на Балканот и во некои делови на Италија,Франција и Англија, на запад, и Киевска Русија, на исток.

Со доаѓањето на Турците се става крај на богомилството како движење. На крајот на XIX и почетокот на XX век во Богомила, и во цела Македонија, започнува периодот на преродба, период на будење на националната свест. Носители на ова движење во Богомила се семејството Поп Арсови кое во тоа време е целосно предадено на развојот на црковно-училишното дело. Во 1868 година по иницијатива на поп Илија Поп Арсов во Богомила е отворено првото училиште со настава на македонски народен говор.

Цркви и спомен обележја

Во Богомила има две цркви, повеќе манастири и свети води. Горната црква потекнува од XIII век. Посветена на св. Илија Чудотворец и својот патрон го слави секоја година на 2 август. Од првичната градба сочуван е само олтарниот дел и неговиот фрескоживопис. Подоцна, во продолжение на остатоците од старата градба изградена е трпезарија. Втората, Долна црква, изградена е во 1837 година и е посветена е на св. Атанасиј. Својот патрон го слави на 31 јануари по нов стил. Црквата е целосно реновирана. Во оваа црква секоја недела и секој празник се служи богослужба.

Можете да го посетите и манастирот Св. Спас кој особено е значаен како туристички објект. Изграден е 1996 година, се наоѓа на надморска височина од 550 метри во одличен горски амбиент. Покрај манастирот изградени се и конаци.

Во близина на Богомила, на надморска височина е од околу 800 метри, во висока букова шума се наоѓа манастирот Св. Ѓорѓија. Веднаш под манастирот има поток кој ја надополнува идиличната слика. Бидејќи се наоѓа на половина час пешачење од Богомила, идеален е за еднодневни излети.

Солунска Глава

Ако сте љубители на планината, планинарството и алпинизмот, ви го препорачуваме врвот Солунска Глава. Искачувањето започнува на надморска височина од 1435 метри од планинарскиот дом Чеплес и трае 2-3 часа. Во непосредна близина на домот е висока букова шума. Околу домот е широко отворен простор, тревнат и обраснат со папрат. Најдобар пристап до домот има преку Богомила. Од Богомила со автомобил се патува до блиските села Нежилово или Папрадиште, а оттаму има час и половина пешачење до домот. Ако сте добро подготвени можете да тргнете пеш од Богомила, патот ќе трае 4 часа. Патеките се секаде маркирани и добро одржувани. Со вистинско планинарење стигнувате до еден од највисоките врвови во Македонија, Солунска Глава на 2540 метри на планината Јакупица. Велат ако се качите на Солунска Глава и времето е чисто и ведро можете да го видите и Солун. Под Солунска Глава се наоѓа најголемиот пештерски систем кај нас. Домашни и странски спелеолози досега откриле и мапирале 2,5 километри од пештерскиот систем што е само почеток на пештера која по својата уникатност веројатно ќе се вбројува во најубавите во Европа.

Пред да тргнете назад кон селото морате да ги видите и изворите на реката Бабуна, а и слаповите кои се наоѓаат во близина. Водата е ладна и бистра, една од најбистрите кај нас, можете да се гледате во неа и можете да ја пиете. Овде, среде недопрената природа се кријат огромни потенцијали за развој на селскиот туризам, ловот и риболовот, како и планинaрството.

Богомила - дел од Македонската недопрена природа


Автор: Администратор
Објавено на: 02/08/2017 01:52