На околу 30 километри северозападно од Прилеп во падините на планината Даутица, на надморска височина од 700 метри се наоѓа селото Зрзе. До oвој природен бисер и духовен конак од македонската и светска културно-историска ризница, може да се стаса со воз до селото Слепче па потоа пеш, или преку Прилеп. Легендата за потеклото на името на Зрзе, доаѓа од зрзорењето на реката Бојаник, по што и селото Зрзе го добива името.
Зрзе е село од збиен тип со многу куќи, но со сè помалку жители ја доживува судбината на повеќето македонски села. До почетокот на XX век, селото броело околу 400 жители, а денес живеат 30-тина воглавно стари лица. Населението претежно се занимава со производство на еколошка храна, одгледувавње на разни видови стока, производство на жито и како и во цела Пелагонија – тутун. Иако куќите во ова село се оставени на забот на времето, може да се види и осети колку биле убави и вешто изгрдени овие македонски чардаклиски куќи. Секој камен за нивата градба е грижливо избран,куќите во Зрзе се како од бајките.Течението на планинската река Бојаник, населението го искористило за изградба на воденици кои мелеле жито за голем дел од пелагониските села.
Зрзе за време на летниот преиод и празниците го посетуваат голем број туристи, намерници и повратници кои наоѓаат спокој во природата, шумите, водата… Иако е село кое изумира, недопрената природа како жив кладенец ги бранува сите ваши сетила и ги допира најдлабоките чувства.
Зрзевскиот манастир последните години доживува возобновувње како никогаш досега. Се наоѓа на неколку километри над селото, на скоро 1000 метри надморска височина. Иако пешачењето до него е кратко, сепак е доста напорно. Но, мистичниот и примамлив пејсаж што ве очекува е предизвик заради кој ќе посакате што побрзо да стигнете. Големата бигорна карпа која како брош се прикачила на доломитските, мермерни и гнајсеви карпи со својот лик буди воздишки. Оваа карпа во времето на св.Климент Охридски во втората половина на IX ти век ја населиле монаси.
Монашката заедница предводена од нивниот старец ја населува целата карпа. Ја подготвиле за свој дом, браздејќи живеалишта во склад на природните форми и грижејќи се да не го нарушат релјефот. За разлика од нив, оние кои пребивале во овој регион во доцната антика, карпата ја користеле како мајдан-ресурс за градежни бигорни материјали. Во бигорната карпа може да се издвојат 7 ката со над 30 градителски облици: базилики, гробови, тихувалишта, келии, работилници, јами… Во непосредна близина на манастирот е пронајдена и базилика од V-ти век и гроб на светител која потекнува од IVвек.
Над древната монашка наслеба на хоризонталното плато, се наоѓа манастирот Св. Преображение Христово. Карактеристично е да се спомне Зрзевската иконпописна школа од која произлегле највпечатливите и највредни (чудотворни) икони Христос Спасител и Жизнодавец (1391) година и Богородица Пелагонитиса (1422) година. Манастирот Зрзе низ историјата често бил ограбуван, опожаруван и разурнуван, но со грижливоста на непокорните селани и монаси тој секогаш опстојува.
Меѓу бројните легенди за ова место е и легендата дека кралот Волкашин и кралот Марко биле венчани во овој манастир. Денес во мастирот престојува монашко братство кое како и добрите зрзевски домаќини секогаш ќе ве пречекаат срдечно со кафе, благо и домашна ракија, што ќе ви дојде како поткрепа за изгубената енергија искачувајќи се до манастирот.
Временските прилики, специфичната местоположба и отежнатата пристапност ја условуваат посетеноста на манастирот. Во зимскиот период поради снежните врнежи тој речиси е отсечен за вообичаената комуникација. Отворен за посети е од рана пролет до доцна есен. Поради недостиг на гостински конак, манастирот за секој намерник, гостин и посетител е отворен само за еднодневни посети. Освен тоа, зрзевската околина изобилува со лековити билки, печурки и чаеви кои ветерот ги распрашува како мелем.
Природата, панорамскиот видик кон големата висорамнина Пелагонија, воздухот, микроклимата и мирот на Зрзе, никого нема да остават рамнодушен. Оваа убавина ги чисти и очите и душата. Зрзе е парче рај фрлено на земјата, кој по првата посета, како свет параклис ќе го посетувате повторно и повторнo.