Лазарополе претставува една од највисоките (1350 м) и најубавите селски населби во Република Македонија. Се наоѓа на прекрасна локација во југозападниот дел на живописната планина Бистра, со извонреден поглед кон долината на Мала (Гарска) Река и планината Стогово. До селото се доаѓа по добар асфалтен пат од правец на Гостивар и Маврово, скршнувајќи од патот Маврово-Дебар кај месноста Бошков Мост. Оддалеченоста од Скопје изнесува 145 км или околу 2 часа возење, од Гостивар 75 км, а од Дебар 23 км. Лазарополе е сместено во малото карстно поле Коритник, низ чиј средишен дел тече малата Лазарополска Река – десна притока на Гарска Река.

Селото има пријатна планинско-континентална клима, со повремени медитерански влијанија кои навлегуваат од долините на Црни Дрим, Радика и Мала Река. Климата се карактеризира со свежи лета и со благи, не многу сурови зими. Така, додека во жешките летни денови по градовите температурите се искачуваат и над 40 степени целзиусови, во Лазарополе тие ретко надминуваат 30 степени. Овој простор се одликува со најголемо количество на врнежи во Македонија – над 1200 мм што овозможило изобилството на шуми кои го прават воздухот кристално чист, свеж и лековит. Поради тоа, Лазарополе е познато како место со најчист воздух на Балканскиот Полуостров. Оние што прв пат го посетуваат Лазарополе ќе останат воодушевени, а оние што веќе претходно биле знаат дека ова е вистинското место каде ќе можат да најдат душевен мир.

За настанувањето на ова село постои интересна легенда. Таа вели дека луѓето бегајќи од Турците се скриле во пештерата, која секогаш ги засолнувала при слични закани. Меѓутоа за несреќа, откако Турците се одалечиле од Пештерата, Калина мома почнала да пее. Тие ја слушнале и го запалиле влезот на пештерата. Сите се задушиле од домот, освен Лазар, кој го основал селото и кое денес го носи неговото име. Д-р Блаже Смилевски пак, името го објаснува етимолошки. Според него, тоа произлегува од старословенскит збор (лазоръ), кој означува големо пространство без шума.

Инаку, историски се смета дека Лазаропле настанало од раселените жители на две позначајни селски населби. Првото е Главино Село кое се наоѓало на северозапад од Лазарополе и за кое се претпоставува дека било главно село во Мијачијата. Остатоците од ѕидови и темели на куќите од ова село сеуште се видливи на неговата локација. Второто село е Лопушник кое се наоѓало на исток од денешно Лазарополе, а од него останало само името на месноста. Трагајќи по стари истонски извори за потеклото и далечното минато на Лазарополе дознаваме дека тоа од своето постоење било населено со Македонци од православна вероисповест. Жителите на ова село припаѓале на познатото словенско племе Мијаци.

Некаде околу 1900 година, селото имало дури 3000 жители, но потоа бројката значително се намалувала. Сепак, според пописот на населението од 1953 година, селото сеуште било релативно големо и броело 962 жители. Од тогаш почнало драстично да опаѓа на само 180 жители во 1971 година, 9 жители во 1981 година и 2 жители во 1994 година. Денес, Лазарополе е само туристичка дестинација, бидејќи локалните жители одамна го имаат напуштено како трајно живеалиште. Повеќето од нив се враќаат да ги реновираат старите семејни куќи и да ги искористат како прибежиште за одмор од летните жештини. Интересно е да се забележи дека официјалниот број на жители на Лазарполе, преку зима е еден жител.

Во минатото, економијата на Лазарополе се базирала на овчарството, а селото било ценето по квалитетниот кашкавал и белото сирење. Овие далеку прочуени по квалитет производи се продавале во поблиските и подалечните места: во Битола, Солун, па дури и во Египет. Лазарополе е познато и по локалната традиционална архитектура, летната Лазарополска уметничка колонија, како и поради околната недопрена природа.

Во духот на богатата црковна традиција, како порано, така и денес овде се прославува големиот празник Илинден. Прославата кулминира со ора на средсело и со звукот на зурлите и тапаните, неизбежни при било каква веселба во овие краишта. Лазарополската носија, особено женската е една од најпознатите во Македонија. Се одликува со невообичаено богатство на детали. Исклучително е слична со другите мијачки носии од реканскиот крај (Галичката, Тресонче, Сушица, Гари итн.). На женската носија преовладуваат белата боја (накај жолта) и црвената боја. Белите клашнени облеки, украсени со црни гајтани, се главни одлики на машката мијачка носија. Ова е условено од климатските и стопанските услови во кои тие живееле (живеат) како сточари во планинските предели на планината Бистра, Стогово, Крчин и Кораб.

Главна селска црква во Лазарополе е Св. Великомаченик Ѓорѓи. Оваа црква како заштитен знак само ја надополнува живописната глетка на селото. Изградена во 1841 година, претставува монументална градба, опкружена со ѕидини од делкан камен високи 4 метри, на која во 20 век и бил доделен трем. Ентериерот на црквата е дело на легендарниот Димитрие Перкоски (Дичо Зограф) од мијачкото село Тресонче. И покрај намерите на османлиите во минатото да ја разрушат оваа црква, тие не успеале поради нејзината местоположба. Минатата година се навршија 170 години од осветувањето на оваа црква. Лазарополе е место на цркви и свети места кои ги има повеќе, а едно од нив е Св. Петка која е на мала одалеченост од куќите. Ова е место каде што можете да најдете внатрешен мир.

Денес, Лазарополе станува препознатлива туристичка дестинација. Од неодамна, во селото е отворен хотел од висока категорија – Калин Хотел, кој располага со 16 пространи и вкусно уредени соби, како и одличен ресторан со вкусна храна. Секоја соба е опремена со бања, телефон, сателитска телевизија и други погодности што го прават престојот комплетен. Посетителите можат да се рекреираат, да пешачат и планинарат по бројните патеки кои водат низ шумите и високите делови на Бистра, потоа до соседните прекрасни мијачки села: Гари, Тресонче, Селце и Росоки како и посета на манастирскиот комплекс Св. Јован Бигорски. Освен тоа, овој предел е одличен за планински велосипедизам, јавање на коњи, параглајдерство и едноставно набљудување и уживање во природата. Како дополнение се и неколкуте културно-уметнички манифестации што се организираат главно во летниот период, а меѓу нив позната стана Лазарополе Фест што се одржува на крајот на јули.

За Лазарополе може уште многу да се пишува, но најубаво е да се посети и доживее. Со својата прекрасна положба, природа, архитектура и уникатност, тоа претставува вистински предизвик за посета, особено во овие жешки денови, а ќе се вратите опуштени, восхитени и полни со позитивна енергија од овој преубав крај на Македонија.

Автор на текстот: Д-р Ивица Милевски



Автор: Администратор
Објавено на: 02/08/2017 02:32