Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, г-дин Никола Груевски, оствари средба со премиерот на Република Бугарија, г-дин Бојко Борисов.
Соговорниците разговараа за односите помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, при што беше истакната заедничката посветеност за унапредување на добрососедските односи во сферите од заеднички интерес, и интеграцијата на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО.
Претседателот Груевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е за продлабочување на пријателството помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, економски развој и подобра соработка помеѓу македонскиот и бугарскиот народ.
Во однос на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, претседателот Груевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ во однос на оваа тема има принципиелни, долгогодишни и аргументирани ставови чија основна идеја беше постигнување на договор во кој нема да има чувство на победник и поразен и кој ќе ја реализира идејата за вистинско и рамноправно пријателство и соработка помеѓу двете држави и народи. Тој го извести својот соговорник дека согласно ставот на Централниот комитет на партијата, ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка на договорот кој го потпиша марионетската влада на Зоран Заев, а за кој ВМРО-ДПМНЕ имаше конструктивни и суштински забелешки и предлози за негово подобрување.
Двете страни ја истакна значајноста и потребата од што побрза интеграција на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија, како приоритет кој ќе обезбеди трајна стабилизација на регионот и ќе обезбеди услови за дополнителен економски развој на истиот.
Соговорниците разговараа и за соработката во областа на Европската народна партија, каде што членуваат и двете партии ВМРО-ДПМНЕ И ГЕРБ.