Најпрвин од моето име и од името на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ би сакал на граѓаните на Република Македонија да им го честитам големиот празник Илинден. Нека е честит и вековит Илинден! Нека е вечна нашата татковина Република Македонија!

Денес сакаме да ја информираме македонската јавност дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ во Собранието на Република Македонија ќе поднесат предлог закон за издавање на вредносни бонови – ваучери за студенти.

Со предлог законот кој што ќе го поднесеме предлагаме издавање на вредносни бонови - ваучери за обезбедување на компјутери за редовните студенти од семејства во кои месечните приходите не го надминуваат износот од две просечни месечни нето плати, односно 45.344 денари нето приход и кои за прв пат се запишани во трета и четврта година на студии на високо образовните установи во Република Македонија.

Дополнително во овој предлог закон предвидуваме вредносни бонови-ваучери и за студентите кои се евидентирани како лица со посебни потреби, а се запишани во било која година на студии на високо образовните установи во Република Македонија.

Сите студенти кои ги исполнуваат наведените критериуми во предлог законот за издавање на вредносни бонови–ваучери да можат да аплицираат на своите факултети, каде по извршената идентификација врз основа на број на индекс и лична карта ќе им бидат врачени ваучерите.

Овие ваучери студентите ќе можат да ги искористат во трговски друштва и трговци поединци кои се регистрирани за дејности поврзани со трговија, одржување и поправка на компјутери како финансиска помош-субвенција при купување компјутер, врз основа на името и презимето на студентот, бројот на индексот, бројот на личната карта односно патна исправа, серискиот број на ваучерот и личен потпис на студентот врз основа на пополнет формулар за купување на компјутер со ваучер.

Со овој предлог закон ние пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ сакаме да им излеземе во пресрет на сите редовни студенти кои што не се во можност да си купат компјутер, истиот да го купат со добивање на овие вредносни бонови-ваучери, како и на лицата со посебни потреби кои се студенти и студираат на некој од високо образовните установи во Република Македонија.

На овој начин пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ ја продолжуваат грижата за студентите и нивните потреби. Преку овој предлог закон ќе допринесеме за развојот на високото образованието во сферата на информатичките технологии.

Веруваме дека со донесување на овој закон ќе им се овозможат подобри услови за студирање на студентите.

Се надеваме дека СДС ќе се однесува зрело и ќе го прифати овој предлог закон со цел за подобрување на условите за студирање на студентите.

ВМРО-ДПМНЕ без разлика дали е на власт или во опозиција и понатаму ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните и нивните потреби.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/08/2017 13:39