Како што е најавено, шпанската Ла Лига одбила да ја прифати исплатата на ПСЖ од 222 милиони евра за трансферот на Нејмар од Барселона.
Шпанската лига најави дека ќе поднесе жалба до УЕФА бидејќи ПСЖ ги крши правилата на финансискиот фер плеј, иако нема легална основа да го одбие трансферот кој ги исполнува правилата на договорот.
Според договорот меѓу Нејмар и Барселона од минатата година, тој може да го напушти „Камп ноу“ ако некој клуб понуди 222 милиони евра, а ПСЖ понуди толку.
„Можеме да потврдиме дека легалните застапници на играчот дојдоа во Лигата да уплатат депозит за клаузулата, но тоа е одбиено“, соопшти портпаролот на Ла Лига.
ПСЖ може да ја заобиколи Ла Лига преку ФИФА, со оглед на тоа дека трансферот исполнува еден од условите од договорот меѓу Нејмар и Барселона.
Што се однесува до УЕФА и ФФП, одлуката за тоа дали ПСЖ го крши ова правило, според кое не смее да има загуби на годишни ниво или повеќе од 39 милиони евра во три години, ќе биде донесена на крајот на август.