ВМРО-ДПМНЕ го повикува СДС да ги надмине тесно партиските интереси и да го поддржи предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ за зголемување на платите во јавниот сектор за 5% кој е во собраниска процедура и набргу треба да се најде на гласање пред пратениците.

СДС не го гласаше законот во Собраниската Комисија за труд и социјална политика, но овој закон помина во следна фаза бидејќи доби поддршка и од пратеници кои не се дел од нашата коалиција, кои заедно со ВМРО-ДПМНЕ го поддржаа законот. Тоа најдобро говори дека овој закон за покачување на платите во јавен сектор е позитивен, реален и корисен.

Не гледаме причина зошто СДС не го гласаше законот за покачување на платите во Собраниска комисија, кога во текот на изборната кампања ветуваа дека просечната плата во нивниот мандат ќе изнесува 30.000 денари, што подразбира 4 години по ред платите во државата да растат за 10%.

Овој предлог закон предвидува покачување на платите во јавниот сектор за 5% во 2018-та година и за дополнителни 5% во 2020-та година, значи за образованието, војската, полицијата, здравството и сите други јавни сектори..

ВМРО-ДПМНЕ го предложи овој закон водена од реалните потреби на лицата вработени во јавниот сектор. Сметаме дека вработените во јавниот сектор го заслужуваат покачувањето со цел подобрување на нивниот стандард на живеење.

Ние имаме и кредибилитет да го нудиме и реализираме ова покачување бидејќи кога бевме на власт ние ги зголемивме платите во јавниот сектор за околу 30%. Штом можело тогаш, може и сега. Ние овој предлог го имаме и во програмата за избори и ако бевме власт како што народот одлучи ние ќе ги зголемивме платите во јавниот сектор.

Доколку СДС во предизборниот период беа искрени кога ветуваа 16.000 денари минимална плата и 30.000 денари просечна плата, тогаш без одложување треба да го поддржат овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ со што ќе им се зголемат платите на вработените во јавниот сектор за 5%, доколку не го поддржат уште еднаш ќе го покажат своето лицемерие и без грижа кон граѓаните.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/08/2017 16:53