ВМРО-ДПМНЕ потенцира и тврди дека неспособната влада на господинот Зоран Заев потпиша штетен договор со Република Бугарија.
Ние сме за пријателски односи помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, и пријателски односи помеѓу македонскиот и бугарскиот народ, но овој Договор не ги застапува националните и државните интереси на Република Македонија и на македонскиот народ, во Бугарија се слави, а во Република Македонија е присутно чувството на пораз што е јасно видливо, и кај општата и кај стручната јавност.
Одговорноста за овој национален пораз оди директно и недвосмислено на сметката на господинот Зоран Заев, кој мора да испорачува политички фактури за да се обиде да избега од одговорноста за криминалот во кој е фатен.
Марионетската влада на Социјалдемократскиот сојуз преку својот портпарол господинот Бошњаковски лаже кога вели дека во договорот се дефинирала македонската нација и македонскиот јазик. Или Бошњаковски не го видел договорот што е скандалозно, а бидејќи сметаме дека го видел испаѓа уште поголем скандал дека тој грубо ја лаже македонската јавност.
Во договорот никаде не се споменува или дефинира македонска нација како посебна идентитетска целина ниту пак македонски народ како посебна идентитетска целина. Во договорот има срамна формулација „македонски јазик согласно Уставот на Република Македонија“. А, ваква формулација нема во ниту еден договор кој Република Бугарија го има потпишано со друга земја, односно нема „романски јазик согласно Уставот на Романија“, ниту пак „српски јазик согласно Уставот на Србија“, ниту пак „грчки јазик согласно Уставот на Грција“ итн. Значи оваа потценувачка формулација се користи единствено за Република Македонија и за македонскиот јазик од што јасно се гледа дека нешто не е како што треба, односно дека не се признава македонскиот јазик како посебна идентитетска целина. Тоа е вистината, тоа е факт, и тоа е една од причините зашто е договорот штетен, а вината за оваа штета ќе ја носи исклучиво господинот Зоран Заев.
Но од неспособната и марионетска влада на господинот Зоран Заев не се очекува ништо друго освен лаги и невистини во обид да го исперат својот срам и својот пораз. Да ги прифатеа нашите аргументирани забелешки и предлози за подобрување на текстот на договорот ќе имавме квалитетен договор, но Социјалдемократскиот сојуз и господинот Зоран Заев решија да играат на картата на омраза и гнев кон ВМРО-ДПМНЕ и македонскиот народ, и да одберат да потпишат ваков срамен и капитулантски договор.
Ние денеска уште еднашка се обраќаме до пратениците на Социјалдемократскиот сојуз. Не е доцна, имате време да го обелите вашиот образ. Минута до 12 е, и имате време да си го обелите образот и на вашата партија и на нашата татковина Република Македонија. Не плукајте врз вашите предци, и не го загорчувајте животот на вашите идни поколенија. Ќе има многу проблеми од овој договор во иднина, уште повеќе и уште поопасни отколку што изгледаат во моментов. Господа пратеници на Социјалдемократскиот сојуз не давајте поддршка на овој срамен договор, не одете на темните страни на историјата. Бараме од вас и ве замолуваме да не го поддржите овој договор.
Би сакале да се обратиме и до народот кој со причина и со право е гневен. ВМРО-ДПМНЕ е ваш сојузник, и ние нема да отстапиме од нашите долгогодишни, суштински и принципиелни ставови поврзани со оваа тема. А вие, народот, ќе имате можност уште на локалните избори масовно да му порачате на Социјалдемократскиот сојуз дека прави катастрофални грешки и оди по погрешен пат. Заедно, на локалните избори да ги поразиме неспособниот Зоран Заев и неговото неспособно друштво, а се со цел да победи Република Македонија нашата татковина.