Бразилскиот фудбалер вчера официјално беше претставен како нов играч на ПСЖ, а на претставувањето изјави дека парите не биле главниот мотив за заминувањето од Барселона.

„Парите никогаш не ми биле главна мотивација. Она за што размислувам е среќата. Да ги следев парите, можеби сега би бил во некоја друга земја“, изјави Нејмар на стадионот на ПСЖ.

Нејмар во редовите на францускиот клуб стигна за рекордни 222 милиони евра. Тој додаде дека е тажно што луѓето мислат дека неговата одлука за трансфер во ПСЖ била мотивирана од парите.

„Навистина ми е жал што луѓето и понатаму мислат така, но мило ми е што ПСЖ верува во мене. Фактот дека сум најскап играч не претставува товар за мене“, изјави Бразилецот.

Тој изјави дека заминувањето од Барселона била најтешката одлука која морал да ја донесе и додаде дека во Барселона оставил добри пријатели и фантастични играчи.

„Но, ми беше потребен нов предизвик“, изјави новиот играч на ПСЖ.

На прашањето како се чувствува бидејќи навивачите неговиот трансфер во ПСЖ го споредуваат со трансферот на Луис Фиго од Барселона во Реал Мадрид, Нејмар изјави:

„Не направив ништо лошо. Жал ми е што навивачите мислат така. Не сте должни да останете во клубот ако сакате да си одите“.

Новата сезона во француската Лига 1 почна вчера, а ПСЖ првиот натпревар го игра денес, против Амиен. Нејмар, наводно, е подготвен да заигра.

„Секогаш сум гладен за фудбал и мислам дека можам да играм“, изјави Нејмар.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/08/2017 14:36