Денес повторно, би сакал да се осврнам на еден дел од штетниот договор помеѓу Македонија и Бугарија, кој што го потпиша господинот Заев и господинот Борисов.

Најпрвин да кажам дека овој договор за Бугарија со задоволство и како еден добар победник и политичар можеше да го потпише господинот Борисов и го стори тоа.

Но за жал ваквиот договор за Македонија е штетен и потписот на господинот Заев оди на штета на македонското национално достоинство и на долгорочните интереси кои што ќе произлегуваат како последици од овој договор.

Денес би се осврнал на штетниот член 8 од македонско - бугарскиот договор за добро соседство кој што утврдува дека во рок од 3 месеци од влегувањето во сила на договорот, договорните страни ќе формираат заедничка експертска историско образовна комисија.

Замислете, што ќе работи оваа историско образовна комисија ако во неа членува познатиот бугарски националист господинот Божидар Димитров или некој сличен на него, или некој сличен на господинот министер Каракачанов.

Тие ќе се занимаваат единствено и само со македонските учебници, со македонските текстови, со македонските медиуми, со македонските личности од историјата и сегашноста. И ќе бараат нивно соодветно толкување или корегирање.

Сметаме дека оваа мешовита историско образовна комисија наместо да расправа за работи за иднината и добрите односи и перспективи кои што Македонија и Бугарија треба да ги имаат, ќе разговара за минатото. И минатото ќе го преточува во дневно политички проблеми.

И пак ќе повторам да претпоставиме дека во Република Бугарија денес, утре, за две или три години ќе има евро-скептична влада или влада која што ќе нема да биде во добри политички или сестрински односи со политичката партија владејачка во Република Македонија.

Во таков случај договорот и посебно оваа историско образовна комисија бугарската страна ќе може да ја користи за да отвора непостоечки или контраверзни прашања и нивното не решавање да го претставува како предуслов или доказ за нивно легално блокирање на македонските евро-атлански аспирации.

Не менувањето на еден учебник од македонското образование според теркот на Божидар Димитров или слични националисти од Бугарија може на соседна Софија да и даде легално право да блокира отворање или затворање на поглавје од страна на Македонија со ЕУ.

Затоа сметаме дека овој договор е штетен, дека овој член 8 навистина можел да биде со многу подобар текст но само доколку господинот Заев и министерот за надворешни, Димитров прифатеа опозицијата да биде вклучена и да ги земат во предвид нашите конструктивни и суштински предлози.

Одговорноста за сегашните и за наскоро идните последици од ваквите штетни клаузули во договорот македонската јавност има можност да ја види. Но додека не се случат овие претпоставени и очекувани штетни дејствија кои што можат да ги обременат дополнително македонско - бугарските односи, ја повикуваме владата и пратениците на СДС во Собранието додека има време да се повлечат од овој договор и да направиме многу подобар поизбалансиран текст кој што нема да го злоупотребува минатото за да ја блокира иднината на Македонија.

На прес конференцијата г-дин Милошоски го истакна и ставот на ВМРО-ДПМНЕ во врска со денешното распишување на локалните избори. Во продолжение е интегралниот текст од изјавата на оваа тема.

Дозволете ми истовремено да ја искористам денешната прес-конференција да кажам и неколку збора за она што е денешна актуелна информација, а тоа е дека конечно после многу недоумици и сомнежи распишани се и определен е датумот за локалните избори во Република Македонија. Локални избори според она што е потпишано ќе имаме на 15-ти октомври оваа година.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ е целосно спремна за настап на локалните избори каде што очекуваме со нашата програма и кадровска понуда да освоиме најголем број на гласови на локалните избори, најголем број на советници во споредба со другите политички партии и најголем број на градоначалници споредбено со другите политички коалиции.

Ние исто така очекуваме нашиот тим кој што е создаден од Извршниот Комитет секојдневно и навремено да си ја исполни својата задача за подготовка на програмата за настап на изборите на државно ниво и подготовка на сите програми на локално ниво согласно општинските специфики кои што ги работиме заедно со потребите на граѓаните кои што ги среќаваме на терен и заедно со стручни лица од повеќе области кои што се важни за секоја локална самоуправа.

На крајот, локалните избори на 15-ти октомври нема да бидат обични локални избори. Многу прашања не добија одговор од актуелната власт на Заев, Ахмети и Села. Прашањето за двојазична Македонија не беше ветено пред изборите, а денес е товар на незадоволството и достоинството на македонските граѓани. За тоа прашање исто така граѓаните ќе можат да го дадат своето мислење на 15-ти октомври.

Македонско - бугарскиот договор кој што е штетен, неспособноста да се излезе во пресрет на потребата на гасење на пожари и депонии, неспособноста да се исполни ветувањето за 100.000 денари лекарска плата, неспособноста и молчењето да се обезбедат 500 евра за просечна плата како големо изборно ветување и не давањето на одговори на прашањето зошто е направена стратегија Македонија да стане земја на бегалци и мигранти за кои што ќе се плаќа од нашиот буџет наместо да им се помага на нашите граѓани. Сите овие прашања и дилеми ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните и секој наш државјанин ќе можат да ги одговорат на 15-ти октомври и да го дадат своето мислење затоа што нивната оценка и нивниот глас е поважен од секое нереализирано ветување или од секоја пост изборна измама на господинот Заев.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/08/2017 19:43