Тврдењето дека разрешувањето на Јавниот обвинител е незаконско е лага и уште еден очајнички обид на ВМРО-ДПМНЕ да ја блокира работата во Собранието и да ги закочи рефомите во судството, изјави денеска на прес-конференција во Собранието пратеникот од СДСМ Петре Шилегов.
– Со бесмислените паузи, нелогичните барања за одложување седници и реплицирањето помеѓу себе, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ очајнички се обидуваат да го одложат разрешувањето на Марко Зврлевски, заштитникот на најголемиот криминал во изминатите 11 години. Во таа насока е и денешното апсурдно барање на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, точката за разрешување на Зврлевски да се одложи за по локалните избори, рече Шилегов.
Според него, процедурата за разрешување на Зврлевски е во целост законска и транспарентна, особено што Собранието е законодавна, а не извршна власт. Тој воедно, ги оцени за залудни сите обиди на ВМРО-ДПМНЕ да ја блокира работата на Собранието и да ги кочи реформите што, вели, добиле поддршка од мнозинството граѓани.
– Никаква опструкција од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема да ги спречи рефомите во судството што почнуваат со разрешувањето на Зврлевски. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија упорно и доследно ќе опстои на највисокиот интерес и на граѓаните и на државата, а тоа е Македонија конечно да стане правна држава со независен и професионален судски систем. Граѓаните на Македонија мора да добијат професионални институции, нови работни места и повисоки плати и ниту една опструкција на ВМРО-ДПМНЕ нема го спречи тоа, истакна Шилегов.