Фактот дека неодговорната Влада на СДС потпиша штетен договор со Република Бугарија од ден на ден е се поголем и поочигледен.
СДС дејствува и склучува договори без да ги има во предвид македонските државни и национални интереси. Договорот со Бугарија е класичен пример за немање на одговорност кон сопствената држава.
ВМРО-ДПМНЕ не е против договор за добрососедство, но сметаме дека тој треба да се базира на темели на взаемно почитување, каде двете договорни страни нема да се осеќаат оштетени. Договорот со Бугарија е чиста спротивност на тоа и создава чувство кај македонските граѓани дека тие се оштетени и губитник од договорот.
ВМРО-ДПМНЕ како конструктивен фактор предложи во договорот да бидат вметнати предлози кои ќе бидат прифатливи за граѓаните на Македонија и нема да создаваат чувство на губитник. Но СДС опиен од својата неодговорност не прифати ништо, не се ни обиде да постигне подобар договор.
СДС нема чувство за одговорност пред нацијата и државата. Според член 11, став 5 од договорот кој Заев го склучи со Борисов, Заев и Владата на СДС доброволно се откажуваат од македонците во Бугарија и истите ги остава на милост и немилост на тамошните националисти како Божидар Димитров и Красимир Каракачанов.
Ставот гласи: Република Македонија потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица што не се државјани на Република Македонија.
Со овој став Заев засекогаш се откажа од Македонците во Бугарија.
Ова е уште една причина зошто договорот е штетен.
Затоа уште еднаш ги повикуваме пратениците на СДС да не дадат поддршка на договорот. Не е касно, но е минута до 12. Пратениците на СДС може да покажат дека имаат грижа за македонските интереси. Од нив зависи дали ќе бидат на светлата или на темната страна на историјата.
ВМРО-ДПМНЕ ги потсетува македонските граѓани дека постои начин да се казни СДС за ваквиот однос и непочит кон мнозинството граѓани во Република Македонија, а тоа се следните избори во Македонија на 15-ти октомври, каде што Заев ќе биде поразен и ќе биде делегитимиран.