Турскиот гигант Фенербахче синоќа одигра пријателски натпревар со Калјари (1-0), а овој меч ќе му остане во вечно паметење на младиот македонски мегаталент Елиф Елмас, кој го имаше своето деби во новиот клуб. Со оглед дека се уште чека дозвола од УЕФА за да биде регистриран за клубот, затоа што се уште е малолетен, тој смее да игра само на пријателски мечеви, и тоа како гостин на клубот.
Сепак, радува фактот дека тренерот Ајкут Кочаман во него, и уште неколку млади фудбалери, ја гледа иднината на Фенербахче.
– Ова е одлично за Фенербахче. Огуз, Самед, Елиф, тоа се млади и талентирани фудбалери со големи фудбалски вештини. Но, најважно е дека се млади. Пред нив е иднината, и со нив треба да се работи посебно внимателно. Внимавам многу, не треба да ги поставите на погрешна позиција, треба правилно да се развиваат. Фенербахче е среќен што го има во своите редови, а и фановите треба да бидат трпеливи со нив, да знаат дека младите умеат да погрешат, и тоа не е ништо страшно. Во секој случај, тие се иднината на Фенербахче – изјави Ајкут Кочаман по пријателскиот натпревар против Калјари во Истанбул.