Фудбалерите на Барселона го освоија трофејот „Хоан Гаспар“ кој традиционално се игра на „Камп ноу“ пред почетокот на сезоната.

Шпанскиот вицешампион го нагости Чапакоенсе во чест на жртвите на авионската несреќа во која животот го загубија фудбалерите и членовите на бразилскиот клуб.

Каталонците славеа со убедливи 5-0, а Лионел Меси стана рекордер на турнирот откако го постигна осмиот гол на тие натпревари.

Беше интересно како Барселона ќе изгледа без Нејмар кој за 222 милиони евра прејде во ПСЖ, а Бразилецот во првиот тим го замени Жерар Делафеу кој по неколку години минати како позајмен фудбалер се врати во клубот.

Токму тој го постигна првиот гол на натпреварот во шестата минута, а само пет минути подоцна Серхио Бускец со убав удар во горниот лев агол го совлада бразилскиот голман за 2-0.

Барса сериозно го сфати натпреварот и веќе во 28-ата минута беше 3-0. Меси го постигна својот осми гол на дуелите на турнирот и обори уште еден рекорд.

Во продолжението на натпреварот се играше нешто порелаксирано, двата тренери направија голем број измени, а Барселона до крајот постигна уште два гола.

Во 55-тата минута во стрелците се запиша Луис Суарес, а 20 минути подоцна конечниот резултат го постави Денис Суарес.

Сепак, натпреварот беше во сенка на емотивниот почеток кога на стадионот излегоа тројцата фудбалери кои ја преживеаа авионската несреќа а солзите и овациите од Камп ноу доминираа на зелениот терен.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/08/2017 10:04