Расипничкото однесување на владата на СДС веќе добива загрижувачки димензии. Имено владата на Зоран Заев, која до пред некој месец лицемерно говореше дека нема да се задолжува, вчера ја задолжи Македонија за нови над 30 милиони евра со аукција на државни хартии од вредност. Од ова задолжување само 11 милиони евра одат на отплата на доспеани рати, што значи речиси две третини од овие средства се нов долг на грбот на граѓаните.
Ова е потврда дека едно говорат, друго работат.
СДС вети живот, ама ова е живот на кредит и рати. Од ден за ден. Тоа е потврда на целата нивна неодговорност, негрижа за парите на граѓаните и расипништво. Цехот на крајот за нивната безидејност на крајот ќе го платат граѓаните.
СДС откако се на власт, за два месеци, само по основ на аукции на државни хартии од вредност ја задолжиле државата за повеќе од 100 милиони евра. Патем од тие 100 милиони евра граѓаните не видоа никаков ќар. Ниту се отпочна изградба на нови училишта, ниту се отпочна изградба на нови градинки, канализации, водоводи или слично. Напротив тие дури и предводеа кратење на овие проекти со новиот ребаланс. Оттука отворено се прашуваме за што новата влада на СДС ги потроши овие пари?
Дали овие 100 милиони евра се за партиски вработувања, договорни услуги, и вдомување на шарени револуционери, твитер ликови и комедијанти за дебели хонорари?
Ова веќе ги надминува сите граници. Тие кон државата и кон парите на граѓаните не се однесуваат одговорно. Се водат од максимата се докопавме до власт, а после нас потоп.
Каде е сега бројачот на долг кој СДС толку го користеше или можеби прегреа од задолжувањата во последните два месеци. СДС успеа да ја задолжи државата само по основ на аукции на државни хартии од вредност по речиси 1.5 милиони евра секој ден.
Дополнително неодговорната влада на СДС планира со ребалансот да ја задолжи државата за НОВИ 150 милиони евра. Ова е планот на СДС, да ја клекне државата на колена, без притоа да води сметка за потребите на граѓаните, а бесцелно да трупа долгови.
Министерот Тевдовски молчи каде одат овие пари со кои безмилосно ја задолжува државата. Министерот Тевдовски исто така не дава одговор каде планира да ги потроши и идните милиони евра со кој планира да ги задолжи граѓаните. Согласно ребалансот и плановите на владата на СДС до крајот на годината долгот на државата ќе порасне за 638 милиони евра. За што?
За ваквото несовесно работење следи одговорност, која многу скоро граѓаните ќе му ја испорачаат на претстојните локални избори.